На Маврово, вечерва интензивно вее снег. Од Националниот парк, очекуваат, доколку врнежите продолжат во текот на целата вечер, до утре да има 20 сантиметри снежна покривка.

Заборавете на пролетта вели метеорологот Славчо Попоски и најавува долг период на студено време. Неговиот извештај го пренесуваме во целост:

Под влијание на изразена циклонска активност со центар над Медитеранот, во следните часови, како и во текот на претстојната ноќ врнежите од јужните и од југоисточните предели од Македонија ќе се прошират насекаде низ државава. На местата со надморска височина од 1000 метри па нагоре ќе има врнежи од снег и ќе се формира нова снежна покривка (над 15 цм, а на планините дури и над 20 цм снег). Снежната граница особено во западните предели локално ќе се спушти и под 1000 метри, со што појава на лапавица ќе има понекаде и во градовите (можно е и тука формирање на снежна покривка). Ќе продолжи да дува северниот и североисточниот ветер, и особено долж повардарието ќе биде засилен на интензитет.

Потоа во следните денови останува невообичаено студено и наутро температури на повеќе места ќе се спуштаат до околу, па и под нулата. Најстуден ден ќе биде утрешниот кога максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот само од 2 до 10 степени.

Инаку во следните неколку денови продолжува променливото време со повремени локални послаби врнежи од дожд и снег. Појава на лапавица и понатаму ќе има и на некои пониски места особено на запад и север од Македонија.

Во Скопје исто така се очекуваат интензивни врнежи од дожд, додека на околните планини ќе паѓа снег а температурата позначително ќе се намали.

НАПОМЕНА: За време на овој голем влажен бран на повеќе места ќе наврне ЗНАЧИТЕЛНО количество на воден талог (над 30 л/м2).