На политичката сцена старо-нова партија. По десет години постоење Партија за економски промени 21 (ПЕП 21), се преименува во Десница.

Како што велат од партијата, чија претседателка е Билјана Јовановска, поранешна директорка на Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско осигурување, членството на Собрание одржано во мај минатата година даде иницијатива која во ноември на вонредно Собрание резултираше со Одлука за промени.

Членство почувствува потребата не само од ребрендирање туку и потреба пред се да се промени начинот на дејствување на партијата во интерес на граѓаните и Македонија Десница се залага за влез во ЕУ со целосно зачуван интегритет, идентитет, историја и јазик. Приклучувањето на Македонија во Европското семејство не смее и не треба да биде по цена на нејзино разнебитување, уценување и понижување, како од надвор така и од внатре од ниту еден политички субјект или институција. Десница не може и не сака да биде дел од лоши и штетни одлуки и политики за државата и граѓаните. Не може да гледаме постојно коленичење без трунка гордост. Не може да останеме неми на секојдневното разочарување на луѓето од неправдите, омаловажувањето, корупцијата и криминалот, како и стравот, неизвесноста и несигурноста кои ги чувствуват се посилно и се повеќе од ден на ден, велат од партијата.

Бараат и промена и на изборниот модел со кој Македонија ќе биде една изборна единица со цел да се овозможи вистинска парламентарна демократија и фер услови подеднакви за сите партии, без разлика дали се мали или големи, кои се регистрирани денес, пред 10, 15 или 30 години.

Инаку, оваа партија долго време беше дел од коалицијата на СДСМ предводена од Зоран Заев, меѓутоа веќе не е дел од овој сојуз и настапува самостојно.