Уште тројца вработени во затворот Идризово се суспендирани, поради спектакуларното бегство на затвореникот Беким Мемети кој среде ноќ беше транспортиран од болница и успеа да им избега на чуварите, открива Јовица Стојановиќ, в.д. директорот на управа за извршување на санкции, во вечерашната Топ Тема.

Со ова бројката на суспендирани се зголемува на седум, откако е направена детална анализа поврзана со бегството на Мемети.

Два ипол часа се проверувал видео надзорот во Идризово, вели, Стојановиќ. Тој самиот бил дел од поставувањето на камерите и точно знаел што гледа, а потоа со тимот уште 4 часа дополнителна анализа со вработените и разговори со сите кои биле на смена.

Новите тројца суспендирани не се одговорни само за бегството, туку и за функционирањето на целата зграда, вели Стојановиќ.

Што точно се случило, не би знаел да кажам, но затворот е добро обезбеден со камери, ѕидови, жици и единствен начин да се излезе е со медицинска помош или со поддршка на дел од вработени, вели Стојановиќ.