Делови од Азија овој месец ги зафати бран многу жешко време, а во Кина се регистрирани рекордни температури. Во Индија од горештините починале неколку луѓе. а во некои места се затворени и училиштата.
Претходните години Индија често беше изложена на екстремни временски услови, а експертите стравуваат дека ситуацијата оваа година може да биде уште полоша.
Топлотен бран во април ги зафати северните и источните држави на Индија, а метеоролозите издадоа портокалово предупредување за екстремни горештини.
Климатологот Максимилијано Херера оцени дека овие невообичаено високи температури се „најлошиот топлотен бран во април во историјата на Азија“.
Во Кина, според локалните медиуми, рекордни температури за април се регистрирани во неколку области вклучувајќи ги Ченгду, Жеџијанг, Нанџинг, Хангжу и други во регионот на реката Јангце, пишува Гардијан.
Невообичаено високи температури се забележани во Југоисточна Азија, а во Лаос оваа недела се измерени рекордни 42,7 степени.
На Тајланд, метеоролозите соопштија дека температурата достигнала 44,6 степени во провинцијата Так во неделата, што е исто така рекорд за април. Се предвидува, сепак, до крајот на неделата температурите да достигнат до 45 степени Целзиусови.
Во Дака, главниот град на Бангладеш, саботата беше најтоплиот ден во последните 58 години кога беа измерени 40 степени, што предизвика топење на асфалтот на некои патишта.
Be the first to write a comment.