„Ова ти е последна опомена да бидеш паметна, да си дадеш отказ од работното место. Имаш рок до четврток. Фино и културно. Ако не напуштиш, животот пекол ќе ти стане. Ќе ве масакрираме“.

Ваква заканувачка порака напишана со црвен фоломастер на лист хартија и оставена во автомобилот, на крајот на февруари ја пречекала извршната директорка на Сојузот на Стопански комори, Христина Стојановиќ. За само неколку часа возилото било запалено, објавува Фокус.

Веќе подолг период, извршната директорка и првиот човек на ССК, Трајан Ангелоски, кој ја презеде раководната позиција во Комората по изборот на Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје се соочиле со разни притисоци и закани по нивниот живот и животот на нивните семејства.

Од нив се барало да се повлечат од раководните функции, па дури им биле дадени рокови и ултиматуми до кога треба да го направат тоа. Како наводни причини за да се бара оставка од новото раководство, според нашите информации е ревизијата, кои тие ја започнале врз сомнителното работење во институцијата со која управуваат.

Веќе три месеци, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство го истражуваат случајот со опожареното возило на извршната директорка, кој беше подметнат на 25 февруари, еден час после полноќ.

За овој случај и двете надлежни институции веќе отвориле предмети, а на разговор на 12 мај, годинава, според МВР, во полициска станица била повикана и актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.