Криза му се заканува и на производството на маслинки во Грција, бидејќи се забележува дека работната сила во земјата е се поретка.

Многу албански работници кои долги години живеат во Грција и кои се неопходни за бербата на маслинките, природно богатство на нашиот јужен сосед, ја напуштаат земјата и избираат да се преселат во други европски земји, како Британија, каде што им се ветуваат подобри услови за живот.

Како што е наведено во објава на албанскиот медиум alshqiptari.net, бројот на Албанци кои одлучуваат да ја напуштат Грција постојано се зголемува. Поради оваа појава, грчките производители на маслинки во последно време се во тешка положба, бидејќи се изложени на ризик да не ги берат маслинките поради недостаток на работна сила.

Потребите претпоставуваат вработување на речиси 10.000 работници за целосна реколта, но годинава е забележано нагло намалување на наоѓањето работници, бидејќи тие не надминуваат 5.000, со што се создава неизвесност кај производителите на маслинки.

На пример, во префектурата Халкидики има приближно 140.000 хектари маслинки, кои произведуваат помеѓу 80.000 и 150.000 тони маслинки за јадење годишно. Но, овие маслинки се изложени на ризик да останат на дрвјата бидејќи има недостаток на работна сила за нивна берба.

Причината за големиот недостиг на работна сила годинава е неподготвеноста на бугарските и албанските работници кои традиционално ги задоволуваат овие земјоделски потреби. Претседателот на Работничкиот центар на Халкидики, Христос Еуфрамидис, вели:

„За време на пандемијата, на балканските работници им стана многу тешко да влезат во нашата земја (затворање на границата, pcr тест) и многумина се вратија на пазарите во Германија, Франција, Англија и Италија . Дневните плати таму се повисоки и сега избираат да работат таму“. Истовремено, тој забележува дека Грците од регионот во последните години се свртеле кон туризмот.

Во исто време, Грците избегнуваат максимално да работат на полињата. Тие избираат да работат главно во туристичкиот сектор, додека Бугарите одат таму каде што има подобра плата. Не доаѓаат на работа без 20-25 евра на ден.

Во исто време, според работодавците, пречка е и бирократијата на грчките власти кои не го поедноставуваат процесот на поканување странски работници. Поканувањето печалбар чини 110 евра за секој земјоделец, додека во Италија работите се поедноставни.

Како што е прикажано во извештајот на грчкото Министерство за миграција и азил, во август годинава било откриено дека 291.868 албански имигранти имале важечка дозвола за престој во Грција, што претставува 61,4 отсто од редовните странци.

Сепак, според министерството, во истиот период пред една година значително е поголем бројот на Албанци со важечка дозвола за престој. Во август 2021 година, според грчкото министерство, 422.954 имигранти од Албанија имале важечка дозвола за престој и сочинуваат 63,07 отсто од редовните странци во Грција.

Намалувањето на бројот на редовни албански имигранти во Грција по една година е поврзано не само со процедурите за доделување дозволи за престој, туку и со динамичното нивно движење во другите европски земји.

Многу Албанци кои со години живееле во Грција неодамна мигрирале во северноевропските земји и во Британија по тешкотиите со вработувањето и поскапувањето во Грција, пишуваат албанските медиуми.