Неколку мостови и патни правци беа отсечени по невремето што ја зафати Малешевијата, на територијата на општина Берово, откако претходно се излеаја повеќе водотеци кај пехчевската турстичка населба Равна Река.

На делови од делницата до Клепало регистрирани се возила кои со потешкотии се движат по однесената патна мрежа, но во моментот не се пријавени заглавени или повредени лица.

– Поради обилниот дожд, оштетен е патот до граничниот премин поточно од месноста Уливо до Клепало, кој не е прооден. На лице место со сопствена механизација интервенираат наши екипи кои работат на расчистување на патот – информираа од ,,Македонија пат”.

Поради зголемениот водостојот на реката Брегалница оштетен и поплавен е мостот во туристичката населба Абланица во Берово, кој и претходно во неколку наврати беше ,,жртва” на надојдените води.

Нивото на водата во река Брегалница е критично и во централното градско подрачје.

Од општината најавија организирана акција за брза интервенција во најпогодените места од невремето.