Службите на Општина Центар изминатото деноноќие се на терен, ги расчистуваат паднатите дрвја и гранки и на одредени локации ги санираат штетите настанати од вчерашното невреме кое го зафати Скопје, информираат од општина Центар.

Градоначалникот Горан Герасимовски, веднаш по невремето излезе на терен и заедно со службите, вршеше увид и помагаше при расчистувањето.

-Утринава имавме состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување. Во контакт и координација сме и со останатите надлежни институции и ги преземаме сите мерки за расчистување на паднатите дрвја, гранки и покриви. Во текот на денот ќе се врши и проценка на штетите од поплавите кои зафатија дел од општинските градинки и училишта и работиме на нормализирање на состојбата, изјави Герасимовски, по завршувањето на состанокот на штабот.

До општината вчера пристигнале многу пријави за оштетени возила, живеалишта, деловни простори, проблеми со шахтите и сливниците и сите тие се проследени до надлежните сектори или институции за натамошно постапување.

-Упатувам апел до граѓаните да бидат претпазливи и да внимаваат во периоди на поројни дождови. Избегнувајте движење надвор додека трае невремето, затворете ги прозорците и доколку во вашиот објект протекува, соодветно обезбедете го, додаде Герасимовски.

УХМР и за денеска издаде предупредување за попладневните часови. Во Скопје денеска ќе преовладува променливо облачно, попладне нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме, гласи предупредувањето од УХМР.