– Популарниот пејач Ламбе Алабаковски е потпалувачот на бугарскиот културен клуб во Битола. Тој лани со семејството се врати од Америка и веднаш се вклучи во културно-забавниот живот во Битола, со настапи во локален клуб, па често можеше да се види во градот и меѓу битолчани. Алабаковски е од преспанското село Љубојно.

Од битолската полиција велат дека Алабаковски признал сѐ во текот на сослушувањето околу намерата и потпалувањето.

Веста ја шокираше битолската јавноста, особено што никој не очекуваше потпалувачот да е популарно лице. Неофицијално се дознава дека малите повреди на рацете од огнот го издале Алабаковски, на што се посомневале негови блиски. Полицијата засега не ги потврдува овие информации – дека пејачот има изгореници од запаливата материја што ја истурил врз вратата од клубот.

Полицијата во Битола извести дека потпалувачот од утрово e лишен од слобода.

„Со наредба од Основен суд Битола, извршени се претреси на дом и други простории кои ги користи Л.А., на две локации во Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело.

Лицето е приведено во полициска станица и при извршен службен разговор во целост го признало делото, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по чл.288 ст.1 од Кривичниот законик“, стои во извештајот од СВР Битола.

По самиот инцидент, битолската полицијата веќе имаше трага за лицето што го подметна огнот од снимките на видео камерите на соседните објекти на улицата „Рузвелтова“ каде се наоѓа бугарскиот клубот. Поради тоа веднаш неофицијално протече веста дека станува збор за еден потпалувач. Но деталите ги соопшти министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, која по средбата со началникот на СВР Битола, во саботата веќе имаше детали за настанот.

„На снимките на една од камерите можев да видам човек кој мирно пристигнува со велосипед, вади цевка со запалива течност и мирно ја истура течноста пред вратата од куќата. Оваа смиреност беше малку нарушена, бидејќи пожарот што избувна беше огромен, се исплаши, се сомневам дека лицето има некои повреди од овој пожар, можеби ќе побара лекарска помош. Човекот носи маска“, рече Генчовска, додавајќи дека лично смета оти ова „дело е направено ладнокрвно, смислено и намерно“. Но прит тоа додаде дека овој настан нема да влијае на односите меѓу РСМ и Бугарија.

Кои биле причините Алабаковски да посегне по ваков чекор, засега останува во сферата на шпекулациите.