На светските берзи вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна минатата недела, по шест недели последователен раст, при што курсот на еврото во однос на американската валута се оддалечи од најниските нивоа во последните пет години. Пред една недела доларот чинеше 59,4 денари, сега неговата вредност согласно средниот курс на НБРМ падна на 58,3 денари.

Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на САД во однос на другите шест главни светски валути, падна за 1,5 отсто минатата недела, на 102,96 поени.

Доларот ослабе за 1,5 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото скокна на 1,0570 долари.

Курсот на доларот падна и во однос на јапонската валута, втора недела по ред, за 1,1 отсто, на 127,85 јени.

Пред десет дена индексот на доларот достигна 105,01 поен, највисоко ниво од 2002 година, додека еврото падна на 1,0348 долари, најниско ниво од почетокот на 2017 година.

Причините за тоа се очекувањата во однос на зголемувањето на каматните стапки на Федералните резерви на САД. За да ја ограничи инфлацијата, која лебди на највисокото ниво во последните 40 години, над 8 отсто, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени од март, што се движи од 0,75 до 1 отсто.

„На доларот му треба пауза“

Со оглед на тоа што се очекува раст на каматните стапки во наредните месеци, пазарот на пари проценува дека основната каматна стапка на ФЕД до јули ќе биде меѓу 1,75 и 2 отсто, а до крајот на годината околу 3 отсто.

„По неодамнешниот силен раст на доларот, потребен е прекин“, пишува Јонас Голтерман, аналитичар во „Капитал економикс“, во преглед на состојбата на пазарот.

За слабеењето на доларот придонесе и остриот пад на цените на акциите на Волстрит седма недела по ред, поради што инвеститорите засолниште за капитал побараа во валути кои се сметаат за побезбедни во неизвесни времиња.

Како резултат на тоа, минатата недела јапонскиот јен и швајцарскиот франк зајакнаа во однос на доларот.

И еврото минатата недела зајакна во однос на доларот, па неговиот курс се оддалечи од најниските нивоа во последните пет години.

Еврото со месеци е под притисок поради руската инвазија на Украина, но и доцнењето на Европската централна банка (ЕЦБ) во заострувањето на монетарната политика.

Сепак, поради рекордно високата инфлација во еврозоната, ЕЦБ неодамна објави дека би можела да ја заврши својата програма за откуп на стимуланси на почетокот на третиот квартал и да ги зголеми каматните стапки во јули.