Велес и Македонија завиени во црно по трагедијата која доцна синоќа се случи во овој градот. Животот го загуби 11 годишно девојче, а нејзината мајка се здоби со повреди откако автомобил удри во нив. Возачот избегал од местото на несреќата и по него трага полицијата.

На социјалните мрежи се огласи познатиот адвокат Јанаки Митровски.

– Ако го знае некој семејството на прегазеново дете од Велес нека им даде контакт да го решиме дундево што избега и го остави да умре на улица!, напиша Митровски.

Од МВР денеска излегоа со официјални детали за несреќата која кај нив била пријавена околу 22:15 часот.

-На ул.„Борис Трајковски“ во Велес, патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, управувано од А.Н.(29) од Велес, удрило во пешаците Е.И.(43) и нејзината малолетна ќерка од Велес, по што го напуштило местото. Во несреќата, малолетничката починала на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, информираат од полицијата.

Мајката на девојчето се здобила со телесни повреди кои и биле констатирани во велешката болница.

-Увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа на СВР Велес. По преземени мерки возилото било најдено и се преземаат мерки за расчистување на случајот, посочуваат од МВР.

Според првичните сознанија на ОЈО, до несреќата дошло кога патнички автомобил кој се движел со голема брзина, на пешачки премин удрил во две лица – мајка и ќерка кои се наоѓале на крајот од преминот за да се качат на тротоар.

Од ударот, мајката паднала на земја и се здобила со тешка телесна повреда, додека девојчето на возраст од 11 години било исфрлено значително нанапред, во близина на следниот пешачки премин кај училиштето „Васил Главинов“ и од здобиените повреди починало.

Возачот кој што ја предизвикал сообраќајната несреќа воопшто не запрел, туку со голема брзина го напуштил местото на настанот.

Дежурниот јавен обвинител и полициски службеници од СВР Велес извршија увид на местото, подигнаа траги и разговараа со очевидци на настанот, а веднаш е издадена и наредба за обдукција на телото на починатото девојче. По добиени сознанија за возилото и возачот – причинител на сообраќајната несреќа, СВР Велес по насоки на јавниот обвинител презема мерки за негово пронаоѓање.​