Професорите од Факултетот за бизнис економија, виско-образовна институција која постои од 2006-та година, реагираат на невиден преседан за кој велат дека досега не се случил во таа институција, објави порталот Фактор.мк.
Имено, како што посочуваат, разрешената ВД директорка д-р Жанина Кировска во текот на својот мандат од само 4 месеци го довела во опасност опстојувањето на факултетот свесно превземајќи дејствија кои не се согласно закон и внатрешни правни акти.
-Разрешената ВД директорка Кировска, по налог на Џенк Јилмаз, директор на фондацијата Ново образование за бизнис која е основач на факултетот, тенденциозно даде откази на 6 професори, од кои на двајца во период кога е разрешена. Со тоа го остави Факултетот со само еден вработен, (самата таа) и без Наставнички совет, без Управа и без комисии потребни за функционирањето на факултетот. Разрешената ВД директорка свесно и самоволно го одогловлекуваше и саботираше изборот на директор на Факултетот, и не дозволуваше да се избере директор кога за истото беа исполнети сите законски услови. Разрешената ВД директорка Кировска не постапуваше согласно закон и не создаде услови за почеток на академската година, студентите сеуште не ја започнале со настава, нема професори, нема распоред на предавања, ниту не се одржуваат испит, не се затворени уписите, не може да се одбранат дипломски трудови…Иако разрешена од наставничкиот совет на 4 октомври, се уште ги држи во заложништво печатите и деловодникот, и не дозволува да се спроведе промената со новоизбранот директор. Напротив, иако разрешена даде отказ на последните двајца професори и го остави факултетот со само еден вработен, вели професорката Анета Васиљевиќ-Шикалеска која на овој факултет предава три клучни предмети, Математика за економисти, Статистика за економисти и Економско истражување .
Истовремено посочува дека ВД директорката не присуствувала на ниту еден од двата состаноци свикани по иницијатива на наставниот кадар ангажиран на факултетот, а на кои требало да се спроведе изборот за директор по иницијатива на вработените.
-Таа тенденциозно го одолговлекуваше процесот за избор на директор се со цел да не се направи изборот од на неа познати причини. Впрочем, од тие причини таа тенденциозно даде откази на колегите, да го смали бројот на кандидатури и да се намали мнозинството на членови на наставничкиот совет кое би гласало за избор на директор на некоја од преостанатите кандидатури. Инаку имавме вкупно 4 кандидати за директор. За незаконското работење на ВД директорот алармирано е со многу преставки и барања за итно реагирање до државниот просветен инспекторат (ДПИ) кој остана глув и не реагираше на ниту една преставка. Првиот импровизиран надзор ДПИ се одважи да ги направи дури по 10 дена од првата поднесена преставка, но на надзорот иако заради објективност инсистиравме да бидеме повикани за присуство тоа не се случи. Не беше повикан ниту еден од отпуштените професори, а особено оние кои беа нелигитимно отпуштени од разрешената Кировска, нагласува Васиљевиќ-Шикалеска.
Иако бил направен надзор заклучоци се уште нема, а за состојбата на факултетот покрај ДПИ информирани се и Министерството за образование, Агенцијата за квалитет во високото образование, трудовата инспекција, државниот управен инспектора. И оттаму професорите на Факултетот за бизнис економија немаат никаков одговор иако барале итно постапување.
-До ДПИ се поднесени 5 преставки во периодот од 27 септември до 6 октомри. Меѓу нив и една од Претседателот на студентскто собрание на факултетот, а во име на сите студенти. Ние како кадар се уште се надеваме дека ДПИ ќе направи увид и постапувајќи согласно пропишаниот закон за високо образование дека ќе има брза разрешница. Факултетот за бизнис економија има околу 400 активни студенти. Самоволното однесување на ВД директорката и тоа што таа во ниту еден момент не го послуша наставниот кадар, како и управата на факултетот, во однос на тоа дека треба да бидеме поажурни во однос на организирањето на наставата и навреме за се подготвиме за почетокот на новата академска година со цел на обезбедување на кадар, обезбедување на распореди за наставата како и за тоа каква ќе биде опрететеноста на професорите со наставни предмети за предавања и испити. Сето тоа придонесе студентите да не ја започнат наставата навреме, впрочем наставата до денес се уште не е започната, а притоа студентите според моите сознанија се уште немаат информација кога ќе започнат со часови и кои професори ќе им предаваат. Целиот процес на факултетот е комплето блокиран. Нема ниту одбрана на дипломски трудови бидејќи не може да се формираат комисии за одбрана, а неможе да се затвори и третиот уписен рок, потенцира професорката.
Истовремено, проф. Васиљевиќ-Шикалеска вели дека во текот на целиот овој период студентите не се информирани дека работењето на факултетот е доведено во опасност, се до 3 октомври кога биле информирани дека наставата ќе започне на 5 октомври , но и тоа не се случи.
-Сметам дека ова е неправедно кон студентите и особено ми е жал што сето ова се случува бидејќи Факултетот постои од 2006 година а јас сум една од првите вработени на факултетот и предавам на истиот од неговото формирање, потенцира проф. Васиљевиќ-Шикалеска.
За проблемот кој се случува на овој Факултет, говори и поранешната директорка, проф. д-р Биљана Ѓозинска. Вели дека во петгодишниот период на нејзиното раководење со Факултетот, и покрај многубројните инспекциски надзори над работењето на Факултет немало никаква забелешка на законитоста на работењето.
-Оттука и моето право да ги критикувам моменталните случувања на Факултетот. Во овој момент работењето на Факултетот сериозно е доведено во прашање. Основниот услов за реализирање на студиската програма-бројот на наставен кадар повеќе не постои. Од минатата недела Факултетот за бизнис економија официјално е со 1 вработен професор, поради откази на сите вработени наставници од страна на разрешената Кировска. И покрај немањето на легитимитет и поддршка на ниту еден член на Наставничкиот совет, Кировска одлучи да го обезличи Факултетот и најотворено да ја загрози акредитацијата и дозволата за работа. Покрај тоа што е доведена во прашање акредитацијата, која веќе требаше да биде преиспитана, поради бројните барања од страна на наставниот кадар до инспекциските служби, пред 2 недели, во прашање се доведени и студиите на бројни студенти. Студиската програма на која се запишани студентите е акредитирана како резултат на ангажманот на веќе поранешниот наставен кадар. Во текот на акредитацијата преиспитувани се компетенциите на кадарот и соодветноста и на тој начин програмата е акредитирана. Нормално е да има мобилност на кадар, но не е нормално да остане студиската програма со 1 наставник. Од друга страна фактот дека има само еден вработен професор го оневозможува постоењето на органите кои согласно Закон треба да ги има Високата стручна школа-Управта и Наставничкиот совет, појаснува проф. Ѓозинска.
Изборот и вработувањето на наставниот кадар се согласно постапки утврдени во Закон и Статут, нагласува таа, а во овие акти, како што вели, не е предвидена можност за водење на овие постапки без во истите да учествува Наставничкиот совет.
-Оттука сметам се што во овие услови (кога Наставнички совет не постои) ќе се направи за обезбедување на нов кадар на Факултетот ќе биде законски неиздржано што пак од друга страна го доведува во прашање ангажманот на кој и да е професор и неговата вклученост во настава. Секако, недопуштено е ангажирање на визитинг професори во овие услови. Визитинг професорите се ангажираат само кога законскиот услов од најмалку 10 наставници со полно работно време е исполнет, а има потреба од дополнителен ангажман во одредени специфични наставно-научни области или има дополнителни предмети кои наставнито кадар( тие 10 професори) не можат да ги предаваат. А од друга страна и ангажманот на овие визитинг профрсори мора да биде одобрен од Наставничкиот совет, кој на ФБЕ не постои. Од друга страна Вршител на должност директот, по природа на работите нема легитимитет да прави реорганизации во работењето на субјектот. Тој е времен раководител, со мандат од 6 месеци, без право на реизбот и треба да се грижи за тековното работење, со основна функција да спроведе постапката за избор на директор. Ова во случајот ФБЕ е сосема спротивно. Од се најмногу жалам за пропаданатиот концепт на квалитетно високо образование кое се реализираше на Факултетот, а за кој се работеше со голема посветеност од страна на професорките кои беа основачи на Факултетот и од група професори кои од моментот на основањето беа вклучени во неговата работа, посочува таа.
Смета дека импровизации во високото образование не смее да се дозволат, бидејќи како што посочува, со тоа на долг рок се наштетува на студентите, стопанството но и на приватното високо образование.
-Ова секогаш било почитувано на ФБЕ. Оттука сметам дека инспекциските служби неопходно е да бидат поажурни, објективно да ја утврдат состојбата на Факултетот и за тоа да ја информираат јавноста, вели проф. д-р Ѓозинска.
Be the first to write a comment.