Најмалку 34 луѓе загинаа во централна Кенија кога автобус излетал од мост и паднал во речна долина, објавија локалните медиуми.

Весниците „Дејли нејшн“ и „Стандард“ објавија дека несреќата се случила вчера вечер во областа Тарака Нити, кога автобус кој се движел кон пристанишниот град Момбаса излетал од мостот и паднал во долина длабока 40 метри.

„Загинаа 14 жени, 18 мажи и две млади девојки, така што вкупниот број на жртви досега е 34. Спасивме 11 лица кои се во болница“, изјави окружниот комесар во Тарака Нити Ноберт Комора за кениската телевизија НТВ.

Првичната истрага покажала дека сопирачките на автобусот можеби откажале, поради што возачот не успеал да го направи десното вртење на остриот свиок. Националната управа за транспорт и безбедност, регулатор на транспортот во Кенија, нареди сите автобуси кои припаѓаат на истата компанија Modern Coast да престанат со работа додека не заврши истрагата за несреќата.

Податоците на Националното биро за статистика покажуваат дека 4.579 луѓе загинале во сообраќајни несреќи во Кенија во 2021 година, 15 проценти повеќе од претходната година.

📸

📸