Британскиот турист Џек Фентон (22) настрада синоќа од сечилото на роторот на хеликоптер во Грција. Неколку часа претходно, тој е снимен како среќно позира со своите пријатели на луксузниот остров Миконос непосредно пред неговото судбоносно патување во Атина, кое заврши со ужасна трагедија.

Џек Фентон (22) бил удрен од задниот пропелер додека од се уште нејасни причини се движел зад хеликоптерот Bell 407 додека неговиот мотор сè уште бил вклучен во 18.20 часот. Хеликоптерот безбедно се приземјил откако се вратил од Миконос и со него пилотирал Христос Фрагкопанагос, пишува Daily Mail.

Грчките истражители рекоа дека студентот на Оксфорд Брукс истрчал назад кон хеликоптерот со телефонот во рацете, откако претходно безбедно се симнал. Неговата цел, наводно била да направи селфи и покрај предупредувањата од екипажот. Фентон случајно налетал на сечилото што вртело и бил усмртен на лице место.

Фрагкопанагос, шеф на обуката во Супериор Ер во Атина и копнените техничари Салим Милат и Спирос Андриопулос беа уапсени, но подоцна беа ослободени од полицијата откако дадоа изјави сведочејќи дека Џек бил придружуван внатре во аеродромот пред неочекувано да истрча назад.

Тројката може да се соочи со обвинение за небрежност или убиство од небрежност доколку им кажале на патниците да се симнат кога не било безбедно.

Но, Џек Стентон-Гливс (20), кој бил во хеликоптерот заедно со пријателите Џејмс Јебсли (19) и поранешниот студент на Универзитетот Борнемут, Макс Севиџ (20), ја отфрлиле верзијата на полицијата и пилотот за настаните.

Џек, чиј татко Робин Стентон-Гливс е сопственик и претседател на фудбалскиот тим Бромли ФК, за MailOnline изјави дека на момчињата не им биле дадени никакви упатства при излегувањето од хеликоптерот и дека загинатиот Џек не бил на својот телефон додека се случила трагедијата.

– Не беа дадени никакви упатства при излегувањето од хеликоптерот и никој не не’ придружуваше. Сè што направија беше тоа што ни отворија вратите. Сами се симнавме и никој не го спречи Џек да оди кон задниот дел од хеликоптерот. Никој од нас не стигна до аеродромскиот салон пред да се случи несреќата. Слушнав луѓе кои велат дека Џек бил на неговиот телефон и се стрчал назад кон хеликоптерот и ова е целосно невистина. Не беше на телефонот, а зошто се сврте кон задниот дел на хеликоптерот не знам, вели другарот на Џек.