Жителите на Апатин, Ѓуро Шашиќ, Срѓан Мајсторовиќ и Саша Лукиќ се јунаците од вчерашната драма што се одигра околу 17 часот на раздвижениот Дунав, во близина на градската плажа во Апатин. Во последен момент тројцата ја спасиле од давење Тијана Кусуља (33), нејзината ќерка Т.Л. (10) и братучетката П.З. (10), кои биле повлечени од речната струја додека оделе низ водата кон островот.
Трагедијата беше избегната благодарение на присебноста и брзата реакција на овие тројца апатинци, но повторно го отвори прашањето – дали сме свесни колку е опасен и непредвидлив Дунав?, пишуваат српските медиуми.
– Во тој дел водата отскокнува, создава канал и носи многу побрзо отколку на други места. Бев на островот, кога слушнав повик за помош. Го видов девојчето во брзаци, имав впечаток дека стои, но кога викна дека не може повеќе, веднаш скокнав во водата и побрзав да ја спасам. Меѓутоа, кога стигнав до неа, струјата беше толку силна што не можевме да се движиме. Таа врескаше, ме фаќаше за врат, почнавме да тонеме. И реков да ме пушти, за среќа ме послуша, ја фатив за рака и некако се извлековме. Ги повикав момците кои беа надвор од водата и ни помогнаа да стигнеме до брегот, вели Срѓан Мајсторовиќ, еден од јунаците на вчерашната драма.
Во моментот кога тргнал да го спасува девојчето и да го извлечат надвор, Саша Лукиќ кога се доближил забележал под водата уште некој како се дави.
– Забележав раце и руса коса, под вода. И двете ги грабнав во еден миг. Жената се лизна од мене и повторно потона, по втор пат, а девојчето беше мирно и видов дека може да се одржува во водата. Не го фати паника, му реков полека да плива кон брегот и се обидов да ја задржам над површината на водата. Сепак, почнавме да тонеме заедно, додека таа панично ме стискаше за вратот, борејќи се за воздух. Повикав помош и во еден миг до нас беше Шашиќ, кој презеде, а јас веќе добро наводен, струјата ме однесе низводно, каде што излегов на брегот – продолжи Лукиќ.
Ѓуро Шашиќ, вели дека кога го слушнал повикот на Саша, ја грабнал даската за сурфање што ја нашол на брегот и за неколку секунди бил до него мислејќи дека тој се дави, но набрзо видел дека држи дете во раце.
– Постојано велеше „спаси ја“, што на почетокот не го разбрав. Дури тогаш ја видов Тијана. Се мачев како да и пријдам бидејќи струјата упорно ме носеше кон Апатин. Некако веслав до неа, видов дека тоне и дека се работи за секунди. Ја фатив за рака, прашав дали е добро, таа ми одговори дека не е, дека се гуши, цврсто ја држев плашејќи се да не ѝ се лизне раката од мене, бидејќи знаев дека тогаш нема да има начин да се спаси доколку потоне и по третпат. Некако успеавме да стигнеме до брегот. И понудив да ја однесам во итната медицинска помош, но таа одби, велејќи дека татко и е таму и дека ќе ја однесе. Дури подоцна сè ми стана јасно, од солзите радосници што ѝ го спасив животот, до стравот што ќе се случеше ако не успеев. Цела ноќ тие слики ми поминуваа низ глава. Тој нејзин изглед, крик за помош,вели Шашиќ.
Срѓан Мајсторовиќ, Саша Лукиќ и Ѓуро Шашиќ направија херојско дело. Без калкулации и размислување за опасноста по себе, скокнале во Дунав и спасиле три животи. Сите тројца скромно велат дека го направиле она што секој треба да го направи на тоа место, и дека повторно би го направиле истото доколку се најдат во слична ситуација. Благодарение на нив, вчерашната драма заврши среќно.
– Бескрајна благодарност до сите тројца што не спасија. Благодарение на нивната храброст, денес сме живи. Господ да ги чува нив и нивните семејства, а јас ќе им бидам благодарна додека сум жива што ни ги спасиле животите – додава Тијана која денеска лично им се заблагодари на своите спасувачи.
За крај, потсетуваме дека речиси и да нема сезона која некој не се удавил во Дунав кај Апатин. И дека нема правила. Водните струи и вртлози носеа и пливачи и непливачи. Најмногу оние кои не се плашеа од него. Добрите познавачи на Дунав велат дека тој мора да се почитува и дека треба да се биде многу внимателен со него, бидејќи е непредвидлив.
Be the first to write a comment.