Пратеничката на СДСМ Снежана Ванчева Калеска во објава на Фејсбук му го згреши името на спикерот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук, а истовремено го „прогласи“ за „привремен претседател на Украина“.
Имено, под заедничката фотографија по средбата со претседателот на Врховната рада Стефанчук, со кого се запознала при студиска посета на шведскиот парламент Ригсдаг, Ванчева Калеска погрешно напишала дека тоа е „спикерот на украинската Врховна рада Олександар Турчинов“. Таа уште вели дека „тој воедно ја извршува привремено и функцијата претседател на Украина“.
Под нејзината објава самиот Стефанчук се јави со коментар да објасни дека тој не се вика Олександар Турчинов и не ја извршува привремено функцијата претседател на Украина.
„Драга Снежана, драго ми е што се запознавме, но моето име е Руслан Стефанчук, јас сум спикер на украинскиот парламент, а претседател на Украина е Володимир Зеленски“ – ѝ напиша Стефанчук на пратеничката од Македонија.
Олександар Турчинов е украински политичар, писател и свештеник, кој беше на функцијата претседател на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина до 2019 година, кој навистина бил спикер на украинскиот парламент и привремено ја вршел функцијата претседател на Украина во време на бурните настани од 2014 година и симнувањето на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович.
Руслан Стефанчук е на чело на Врховната рада од 2021 година.
Be the first to write a comment.