Македонскиот автор и музичар Јован Јованов конечно проговори за разделбата со сопругата. Популарниот Џеј Џеј раскажува дека со Николина одамна не се во љубовна релација, но дека дури сега првпат зборува за разидувањето затоа што, како што вели, претходно никој и не го прашал на оваа тема.
Сепак, нагласува дека со Николина не само што останале во добри односи поради нивната ќерка Малеа, туку и дека се бизнис партнери, но и најдобри другари.
„Јас и Николина љубовно не сме заедно со години, но добро функционираме како бизнис-партнери. Едноставно може да се функционира доколку имате разум, знаете да разграничите што се приоритети во животот. Нормално дека би правел бизнис со неа зашто ѝ верувам, зашто ми е најголема поддршка и најдобар другар. Заедно дојдовме во Канада, ме знае многу добро, а и јас неа. Ја имаме Малеа и тоа е нешто што ќе нѐ поврзува цел живот. Сѐ што градиме и создаваме, го правиме за неа. Затоа, разумни луѓе што ја гледаат големата слика на животот, не гледам причина да не се дружат или да не работат заедно само поради тоа што не спијат заедно“, раскажува Јованов за „Слободен печат“.
Пред неколку години со Николина отвориле фотографско студио.
„Последниве година и пол доста го развивме и сме едно од најпознатите студија во Торонто за сликање. Имаме неколку фотографи, едитори, како и неколку вработени од Скопје, кои работат на букирање клиенти преку социјални мрежи, телефон и имејл-адреси. Планираме наскоро да отвориме и друга локација“, открива тој.
Be the first to write a comment.