Во чест на Јонче Христовски, легендарниот македонски пејач и композитор, кој почина пред 23 години на 69-годишна возраст, вчера во Битола се одржа концерт на Камерниот оркестар Битола, каде познати изведувачи ги пееа неговите големи хитови. Вечерва пак, концертот во негов спомен ќе се одржи во Скопје, во Национална Опера и Балет, а на истиот помеѓу присутните во публика ќе биде и неговата ќерка, Невенка Гиговска.

За животот на Јонче, кој остана препознатлив по своите песни изведени со невиден жар, без сомнение може да се напише книга и да се сними филм. Иако не е помеѓу живите веќе 23 години и од неговото време се останати само стари снимки од настапи и гостувања, тој се уште е интересен за јавноста.

Голем боем кој зад себе остави песни кои јавноста ги препознава како народни, но и пожртвуван татко, кого судбината не го поштедила од голем удар, загуба на саканата жена, сопругата Олга.

Во медиумите во изминатите години се објавуваа приказни за него, но поради недостиг на информации, голем дел од објавите биле само делумна вистина. Како живеел Христовски, каков бил животот на неговите ќерки близначки Невена и Олга со него, која му била последната желба пред да почине, какви спомени им оставил на најблиските, за ,,Фокус” раскажува Невенка.

Таа живее во Скопје и е пензионерка, мајка на два сина, баба… Работниот век го минала во МВР, а додека зборува за нивниот татко, не може да ги скрие солзите.

-Ме радува што и денес се спомнува името на татко ми, што неговите песни се пеат, оти тоа е најважното, зад него останаа нотите на кои им го посвети животот. И концертите во негова чест ми се многу значајни, вечерва ќе бидам помеѓу публиката во НОБ.
Жалам што мојата сестра близначка Олга не е повеќе меѓу нас, и таа ќе беше горда на сите овие настани на кои се спомнува неговото дело.

Со Олга сме родени во Скопје, во далечната 1959 година. Нашата мајка не ја запознавме никогаш, таа починала на породување. Многу често во медиумите, со години наназад се спомнуваше дека таа починала во скопскиот земјотрес, не знам од каде излезе таа информација, но бидејќи ние не се експониравме јавно, затоа и не се знаат многу детали за нашиот и животот на нашиот татко.

Сестра ми го добила името на мајка ми, Олга, а пак јас сум крстена по баба ми по мајка, Невенка. Токму нашата баба Невенка не изгледа и ни беше како мајка. Ни го посвети животот, а ние ја викавме Мама…

Многу тешко ја доживеавме нејзината смрт, имавме само 14 години. Таа беше тука за нас постојано, додека татко ни мораше да настапува, да оди на турнеји… На сите ни беше многу тешко. Тој се трудеше да го даде максимумот како самохран родител, и ни даде многу љубов, но мајчинската фигура секогаш фалеше – раскажува Невенка.

Додава дека периодот кога починала баба им им бил премногу тежок, но Јонче се трудел никогаш ништо да не им недостига во животот. Вели дека со нив се однесувал другарски, но во нивниот дом секогаш морало да има ред.

-Научивме да работиме се низ дома. Пеглање, чистење, готвење. Татко ми не научи на дисциплина, и покрај тоа што со нас имаше другарски однос. Како маж, тој другарски пристап му беше начин да биде близок со нас, да знае што ни се случува, низ што минуваме. Не му беше лесно, сам со две девојчиња.

Домот секогаш ни беше полн со луѓе, имаше многу пријатели. Кога одеше на турнеји, за нас се грижеа соседите. Сите имаа разбирање за него, за тешката животна судбина, сам да ни биде и мајка и татко.

Дома, секогаш се пееше. По цели ноќи тој компонираше, пишуваше, душата ја даваше да направи добра песна. Верувам дека успеа во тоа, неговите песни и денес се слушаат, што за нас е непроценливо богатство- вели ќерката.

Раскажува дека сестра и Олга се омажила доста млада и живеела во Торонто со семејството. Добила син и ќерка, но починала на 56-годишна возраст, пред осум години.

-Кога сестра ми си замина во Канада, татко ми остана со мене, со моето семејство. Самотијата е тешка работа, иако беше опкружен со нас, блиските, сепак често му спомнував дека треба да си најде сродна душа, да се ожени. Пријателството е една работа, подруго е кога ќе имаш некој постојано покрај тебе, да го делиш секојдневието. Никогаш не ме послуша. До последниот здив ја сакаше мајка ми и жалеше по неа.
Жалеше преку песните, на свој начин. Преку песните ја покажуваше и љубовта кон татковината, тоа му беше начин да ја искаже секоја емоција.

Мајка ми ја викаше Гулабица. Гулабицата моја, Оле, така кажуваше за неа. Кога се разболе од рак тоа го поднесе на нога, храбро. Не сакаше да се жали, одеше напред со крената глава, не дозволуваше болеста да го скрши. Пред да почине, осумнаесет дена пред смртта, тој гостуваше на телевизија. Потоа, кога веќе му стана многу лошо, на смртна постела ја довикуваше мајка ми.

Да ме закопате покрај Оле, гулабицата моја ме вика, закопајте ме покрај неа – кажуваше со последни сили. Му ја исполнивме последната желба – со солзи се сеќава Невенка.

Вели дека додека растеле, бидејќи постојано биле опкружени со музика, и тие самите пееле, но сепак ниту таа, ниту пак сестра и Олга не сакале да ја изберат музиката како животна професија. Таа во МВР, сестра и избрала економија, а ниту нивните деца не се решиле за музика, туку имале сосема други професии.