Како и секој голем град, така и Скопје, својот исчекор кон модерното, современото, урбано фризерство го бележи со неговата појава и од неговите раце во фризерскиот салон “Босна“ во Старата чаршија. Рифко, тоа симпатично, мило, благо момче, застануваше зад женските коси во салонот на татко му, и од нив правеше чудесија. Брзо се расчу гласот низ градот дека фризерот Рифко е врвен мајстор за женски фризури.
Немаше натпревар во таа фела, а Рифко да не ја освоеше највредната, најголемата, најреалната награда, задоволството, признанијата и благодарноста од дамите кои одеа кај него на правење фризура. Да се дојде на ред во неговиот салон за фризура, многу бргу стана тешка мисија. Рифко ги освои симпатиите на дамите, исто како и оние од колегите конкуренти. Беше момче кога навлезе во тие води и смело се внесе во занаетот следејќи ги сите светски и европски трендови во фелата. Не се натпреваруваше за да биде прв, тоа што го знаеше и го поседуваше само во неговите раце и очи, го споделуваше на најдобриот можен начин со клиентките. И беше на врвот…
Млад, секогаш насмеан, секој муабет со него смирувачки. Беше “дијазепам“ за соговорниците, за средината која го опкружува и за сите кои го познаваа. Неопислива милост и природно всадена коректност. Почетокот на девеесетите со таа чест се соочија Сараевчанки. Рифко, заедно со семејството замина да живее во Сараево, во нивното семејно гнездо, кај нивните корени. Таму формираше и семејство. Жал ми е што не ги познавам лично неговите следбеници, ама, сакам ним да им пренесам нешто што можеби тие кај родителот не го забележале, а вика вака:
Вие сте деца на голем, ама многу голем Човек во секоја смисла на зборот, вие сте следбеници на скромноста и умтеноста, на искреноста и несебичноста, на стаменоста. Рифко беше таков, и во сеќавањата на сите оние кои го познаваа, ќе остане во такво паметење…
Кога и да се сретневме, и тогаш кога живееше и работеше овде во Скопје, и потоа кога доаѓаше од Сараево, муабетите ни беа без почеток и без крај. Имав посебна чест како другар на неговиот најстар брат Адем, да бидам почитуван со целата негова душа и искреност. Ми беше чест што го познавав од малечок, еве, до сега, кога ми јавија дека после кратко боледување се “одјавил“.
Рифко мој, ред е да речам почивај во мир другар мој, рајските врати нека ти се отворат, ама тешко ми е затоа што такви се разделбите со другарите, па ете на крај малку и солзи… Почивај во мир Рифко – Рифат Кочан…
(објавено на Фејсбук страницата Стари Скопјани)
Be the first to write a comment.