Телото на млада жена е откриено вчера во германскиот град Вајнштад во близина на Штутгарт.
Телото го открил случаен минувач во контејнер за користена облека, а полицијата смета дека до смртта дошло по несреќен случај.
Според досегашните сознанија, несреќната 26-годишна жена влегла во контејнерот со цел да земе облека од него. „Таа се заглавила во вратичката на контејнерот и повеќе не можела да се ослободи“, изјавил портпаролот на полицијата, а пренесуваат германските медиуми.
Телото го извлекле пожарникари, на терен излегла и Брза помош, но лекарот можел само да констатира дека е мртва. Засега нема индикации дека се работи за кривично дело.
Ваквите инциденти низ Германија не се невообичаени. Контејнерите за облека и нивните капаци се дизајнирани да спречат кражба. Пиктограмите на контејнерите предупредуваат дека обидот може да биде опасен по живот. Според полицијата, вакво предупредување било поставено и на контејнерот во Вајнштад.
Be the first to write a comment.