Грчката полиција и правосудството покренаа тајна истрага за големиот број деца кои починаа за време на операции на срцето извршени од ист кардиохирург.

Во центарот на случајот што го објави весникот ТО BIМА е детски кардиохирург, против кого родителите поднесоа писмена жалба во 2021 година. Во извештајот се наведени 15 смртни случаи во најмалку една клиника за детска хирургија.

Родителите тврдат дека дотичниот доктор е „лажен месија“. Тие се жалат дека за време на 70 операции извршени од 2020 до 2021 година во една клиника, „20 отсто од децата починале“, додека многумина „никогаш не се освестиле и живеат како растенија“, пренесува Прототема.

Инаку, стапката на смртност во Европа за вакви операции кај деца е меѓу два и четири проценти.

Според информациите, споменатиот доктор на почетокот на 2019 година бил избркан од приватната болница, која потоа сменила сопственици. Тој отишол во друга приватна болница, но и оттаму бил отпуштен, додека одделот каде што оперирал ја загубил лиценцата за вршење детска кардиохирургија.

Истото се случило и во третата болница, а денеска, според последните информации, посочениот доктор е во Истанбул, каде исто така се соочува со десетици пријави.

Според родителите, лекарот даваше бројни оправдувања зошто операцијата не успеала, обвинувајќи ги апаратите или персоналот на интензивна нега, па дури и ги обвинуваше и родителите за наводно одложување на операцијата на децата.

За жалбите дознале министер за здравство Танос Плеурис и заменик министерот Минас Гага, кои формирале комисија за проверка на овие наводи.