Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во вчерашното обраќање преку видеоврска пред Генералното собрание на Обединетите нации, повторно повика Русија да биде казнета за агресија врз неговата земја и истакна еден детаљ.

Тој предложи формирање на специјален суд кој ќе ги гони оние кои извршиле воени злосторства, а тој сè уште е на мислење дека мир може да се постигне со други земји кои воено ја поддржуваат Украина и ја казнуваат Русија.

Зеленски ја обвини Русија дека предизвикува катастрофални последици со војната, која тој ја нарече „нелегална“.

Претседателот на Украина ја осуди намерата на Русија да организира референдум на окупираните територии за да се одлучи дали тие украински територии треба да станат дел од соседната земја.

Тој изјави дека 445 нови гробници биле пронајдени во градот Изум, на североистокот на земјата, откако украинските сили го ослободиле градот. Тој истакна дека во една од гробниците бил пронајден човек кој бил кастриран, а потоа убиен.

„Зошто руската армија е толку опседната со кастрација“, праша Зеленски.

Како што јави BBC, тој 15 пати повикал на казнување на Русија, а присутните на Генералното собрание на ОН неколкупати му аплаудирале. Тој исто така повика да се заштитат животите на неговите сонародници и да се почитуваат меѓународно признатите граници на Украина. Тој ја осуди одлуката на седумте земји кои беа против тоа тој да зборува преку видеоврска и ги критикуваше оние земји кои се неутрални во војната.

Во меѓувреме, Украина и Русија направија голема размена на воени заробеници – 215 борци беа ослободени во Украина, од кои 10 странци, додека Русија прими 55 војници и прорускиот политичар Виктор Медведчук, кој беше обвинет за предавство во Украина.