СЕВИЉА- Температурите во делови од јужна Шпанија утре ќе надминат 42 степени, додека топлотниот бран со „извонреден интензитет“ ќе донесе прашкасто небо, зголемен ризик од шумски пожари и топли услови кои се почести во средината на летото отколку во средината на мај.
Шпанската влада започна национален план за екстремни температури, откако метеоролошката агенција „Аемет“ предупреди дека овој мај во Шпанија ќе биде еден од најтоплите во изминатите неколку години, објави „Гардијан“.
„Аемет“ додаде дека воздушната маса на топол и сув воздух пристигнува од Африка, а со себе носи прашина од Сахара и „исклучително високи“ дневни температури, кои се за 10 до 15 степени над сезонскиот просек.
„Најновите податоци од метеоролошките модели го потврдуваат силниот интензитет на овој топлотен бран“, изјави портпаролот на „Аемет“, Рубен дел Кампо.
Тој додаде дека за Шпанија ова може да биде најинтензивниот топлотен бран во мај во последните 20 години.
Најтопло ќе бидат петок и сабота, а потоа во недела ќе има голем пад на температурата.
Метеорологот соопшти дека температурите во Андалузиската долина денеска би можеле да надминат 40, а утре 42 степени.
„Дури и топлотниот бран да се смири некаде, во североисточната долина Ебро повторно би можеле да се измерат температури од 40 или повеќе степени. Тоа е нешто што не е забележано во овој период“, додаде Дел Кампо.
Шпанија ја забележа најтоплата температура досега во август, кога живата во термометарот во градот Монторо во Андалузија достигна 47,4 степени.
Дел Кампо ги предупреди граѓаните на „екстремен ризик“ од шумски пожари во јужните, централните и североисточните области и рече дека очекуваат нов облак од прашина.
„Се соочуваме со екстремна епизода и ризикот од високи температури ќе биде изразен во многу области“, рече Дел Кампо.
Be the first to write a comment.