Во 17 часот и 40 минути во Северна Митровица се огласиле сирените за воздушна опасност, а ситуацијата е многу тензична, јавува дописникот на српски Курир.
Пред новоформираната база на интервентната гранична единица, недалеку од административниот премин Јариње, биле распоредени неколку припадници на специјалната единица на единицата со автоматско оружје.
Вечерва точно на полноќ треба да започне акцијата на Приштина која испрати единици на Јариње и Брњак да се запре секое лице со српски лични карти. За потсетување, одлуката на Приштина е од 1 август на граѓаните кои имаат документи од Република Србија при влез во Република Косово да им се издаваат потврди како замена за документи.
KM! pic.twitter.com/qapId0W1Kf
— Aleksandar Arsenijević (@Aco_Sfens) July 31, 2022
Мислам дека никогаш не сме биле во покомплицирана и потешка ситуација кога станува збор за Косово од денес. Ги молам Албанците да се вразумат, а Србите да не реагираат на провокации, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното обраќање до јавноста. Од 1 август, најави Приштина, ќе почне спроведувањето на одлуката за пререгистрација на возилата и српските лични карти. Претставниците на Србите од северот на Косово најавуваат дека ќе пристапат кон формирање на заедницата на српски општини (ЗСО).
„Исто така, барам од претставниците на моќните земји да обрнат малку внимание на меѓународното право и реалноста на теренот и да не дозволат нивните штитеници да предизвикаат конфликт. Мислам дека на Западот не му одговара конфликт на Косово. Молам и барам да се зачува мирот. Од синоќа имав многу разговори, особено со Лајчак. Ако мислат дека 17 март може да се повтори, тоа нема да се случи“, рече Вучиќ и додаде дека „ако се осмелат да тргнат во прогон на Србите, Србија ќе победи“.
Како што кажа Вучиќ, Албанците однапред ги испратиле своите единици со 21 тон гориво и се останато на административните премини Јариње и Брњак, со желба да ги запрат сите што имаат српски лични карти, а сето тоа да почне на полноќ, со истовремено убедување на Србите да се откажат од регистарските таблички.
„Приштинскиот режим се обидува секогаш да се прави жртва и да го искористи расположението во светот каде што мислат дека „големиот Путин“ му наредил на „малиот Путин“, па „новиот Зеленски“ во ликот на Курти ќе го спаси народот од големосрпската хегемонија“, рече Вучиќ.
Кога станува збор за личните карти, тој појасни дека Албанците во Приштина се повикуваат на точка 3, во која се вели дека „секоја страна може да спроведе систем со кој личните карти ќе бидат придружени со писмен документ за влез-излез за жителите од другата страна кои транзитно патуваат во трета земја“, додека во фуснотата стои дека ќе користат статусно неутрален јазик.
„Албанците во моментов го користат ова, иако никој не разбира зошто, како да не им е доволно што веќе прават што сакаат. Како некој намерно да сака да предизвика тензии и проблеми“, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека она што се дефинира „за жителите на другата страна кои патуваат транзитно во трета земја“ не може јасно и недвосмислено да важи за Србите од Косово.
„Не можете да ги запрете Србите од Зубин Поток, Звечан, Косовска Митровица и да кажете дека не можат да преминат со српска лична карта, бидејќи не ја претставуваат другата страна, ниту тие транзитираат во трета земја“, нагласи тој.
Според него, „друга работа е што Албанците сакаат реципроцитет, што нема никаква смисла“.
Според истиот договор, Приштина донела одлука и за табличките.
Тој изјави и дека Бриселскиот договор предвидува формирање заедница на српски општини, а од формирањето на ЗСО поминале 3.390 дена.
„Ако има меѓународен договор што не му одговара на Курти, тој вели „не е добар ниту за Србите“, бидејќи претпоставувам дека тој знае подобро. Кога Србите сфатија дека Албанците нема да го спроведат во 2021 година, почнаа да ставаат банери и билборди со порака „Добредојдовте во ЗСО“ и тие што ги поставија беа уапсени“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека вчера беа уапсени момчиња кои носеа маици на кои пишуваше: „Не се предаваме“, а на Видовден е уапсено момче кое пеело патриотски песни.
„Уплашен сум поради реакцијата на српскиот народ. Мој совет е нашиот народ да биде мирен, да ја задржи својата присебност. А, ако почнат да протестираат, тоа да го прават мирно. Да не им се дава причина на Албанците да пукаат во народот. Само да бидеме мирни и да ни дадат на времето. А, ги молам Албанците, поради непромисленоста на Курти и неговите соништа да биде претставен во светот како новиот Зеленски, да не дозволат да ги нападнат Србите. Атмосферата е доведена до вриење, Србите нема да трпат повеќе ѕверства“, порача српскиот претседател.
Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, по повод најавата на Приштина дека од 1 август ќе започне со спроведувањето на одлуката за пререгистрација на возилата и српските лични карти, порача дека претставниците на Србите од северот на Косово ќе пристапат кон формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО).
Тој на прес-конференција изјави дека ова ќе биде одговорот доколку властите во Косово не се откажат од намерата да почнат да ги спроведуваат одлуките за регистарски таблички и лични карти од 1 август.
„Србите немаат што да чекаат. Ако можат да се однесуваат како што сакаат, тогаш нормално е Србите да почнат да ја формираат ЗСО, сега поминаа десет години, мора да си ги обезбедат правата“, рече Петковиќ и додаде дека ЗСО ќе ги овозможи колективните и индивидуалните права на Србите во Косово.
На прашањето дали реторички изјавил дека Србите почнуваат да ја формираат ЗСО, Петковиќ одговори дека Србите, почитувајќи го Бриселскиот договор и сите други договори, ќе влезат во реализација и на тој договор.
Тој ги нарече „незаконски” одлуките на Владата на Косово за пререгистрација и за лични карти.
„Аљбин Курти го прекршува договорот за слобода на движење и многу други договори што ги потпишавме претходно“, рече Петковиќ, објаснувајќи дека Курти се повикува на договорот од 2011 година, кој Белград го применува од почетокот, додека „Курти се сетил 11 години подоцна”.
„Курти е заинтересиран за укинување на српските лични карти за Србите кои живеат на територијата на Косово, со цел да се измести постоењето на државата Србија од областа на Косово и Метохија“, истакна Петковиќ, оценувајќи дека тоа е дополнителен притисок врз српскиот народ.
Петковиќ рече и дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ одржал консултации со претставниците на Србите од Косово и дека утре по тој повод во 10 часот ќе се обрати до јавноста и ќе ги повика земјите од Квинта „да влијаат на Приштина да се вразуми”.
На повеќе локации во северниот дел на Косовска Митровица денеска и претходните денови беа објавени плакати со натписи против одлуката на властите во Приштина на 1 август да почне пререгистрацијата на српските регистарски таблички со почетните букви на градовите во Косово и за невалидноста на српските лични карти.
Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека Владата која тој ја води никогаш не била за тоа да се воведат привремени документи за српските граѓани кои влегуваат на територијата на Косово, но дека го прави тоа што Србија постојано им го прави на косовските граѓани.
Во обраќање пред новинарите на приштинскиот аеродром по пристигнувањето од САД, Курти рече дека мерките кои стапуват во сила во понеделник во однос на српските граѓани кои влегуваат во Косово се исти со оние кои важат за косовските граѓани кога влегуваат во Србија.
„Ние не би ги претпочитале таквите документи. Меѓутоа, ако нашиот граѓанин добива таков документ, тогаш истиот треба да го добие и српскиот граѓанин. Исто како што не бевме ниту за привремените таблички, но додека има такви за нашите граѓани кога влегуваат во Србија, потребно е да има и за српските граѓани кога влегуваат во Косово, изјави Курти.
Од понеделник, 1 август, граѓаните на Србија кои влегуваат во Косово ќе добиваат влезно-излезна лиценца на сите гранични премини, како што тоа повеќе од десет години се прави со косовските граѓани кои влегуваат во Србија.
Исто така, од 1 август почнува обврската за промена на српските регистерски таблички за косовските возила, означени со КМ (Косово и Метохија), со косовски регистерски таблички со ознаката РКС (Република Косово).
Мерките наидоа на остри реакции од страна на официјален Белград, како и на претствниците на косовските Срби.
Be the first to write a comment.