Поранешниот камерунски репрезентативец Модест Мбами почина на 41. годишна возраст во Авр, соопшти неговиот поранешен клуб Пари Сен Жермен.
„Со голема тага ја дознавме веста за смртта на нашиот поранешен играч, клубот упатува искрено сочувство до неговото семејство и најблиските“.
Според првичните информации тој починал од срцев удар.
Мбами најголемиот дел од кариерата го помина во Франција, која ја започна во 2000 година, во Седан. Во 2003 година потпиша за ПСЖ со кој освои два трофеи од Купот на Франција. За „светците“ играше до 2006 година.
Потоа играше неколку сезони во Марсеј, па мина две сезони во Алмерија, Шпанија. Кариерата ја заврши во 2015 година во Авр.
Со репрезентацијата на Камерун ги освои Олимписките игри во 2000 година. Во четвртфиналето со неговиот „златен гол“, Камерун го елиминираше Бразил. За репрезентацијата забележа 37 настапи и постигна три гола.
По завршувањето на играчката кариера ја одбил понудата да биде селектор на Камерун.
Be the first to write a comment.