Мајка на три деца од Масачусетс, која наводно пораснала во Белград, мистериозно исчезнала откако го напуштила својот дом за да фати лет на 31 декември, објави Блиц.рс.

Покрената е полициска потрага, додека нејзините роднини стравуваат од најлошото.

Ана Волш (39) пораснала во Белград, според нејзините објави на социјалните мрежи. Според полицијата, Ана, која живее во Кохасет, Масачусетс, нарачала превоз до меѓународниот аеродром Логан во Бостон во 4 часот наутро за да отпатува во Вашингтон за работа во фирма за недвижнини.

Меѓутоа, Ана, која има три сина на возраст од 2 до 6 години, никогаш не се качила во авионот и оттогаш не е видена, изјавија за медиумите полицијата и пријателите.

“Искрено, се плашам. Таа е сакана и посветена сопруга и мајка на три прекрасни момчиња. Не поминува ден, а таа да не разговара со сопругот и нејзините деца”, изјавила нејзината пријателка Алиса Кирби која е тажна поради ненадејното исчезнување на Ана.

Се огласи и мајката на Ана

Boston Globe пишува дека мајката на Ана, Миланка Љубичиќ, моментално живее во Србија, родната земја на исчезнатата Србинка. Ана била пријавена за исчезната од нејзиниот сопруг Брајан Волш во средата, три дена откако излегла од дома.

Сепак, началникот на полицијата во Кохасет, Вилијам Квигли, рече дека е вообичаено Волш да работи долги часови без контакт со семејството, што можеби го објаснува јазот помеѓу нејзиното исчезнување и повикот на нејзиниот сопруг во полиција.

Фирмата за управување со имот во која работи, „Тишман Спејер“, во средата истовремено го пријавила нејзиното исчезнување.

На прес-конференција во петокот, Квигли рече дека Волш се третира како исчезнато лице додека властите пребаруваат шумска област во близина на нејзиниот дом.

„Не е нормално што ја нема. Автоматски чувствуваме дека е во опасност поради фактот што ја нема“, изјави Квигли на прес-конференција.

Мистеријата се продлабочи подоцна во петокот, кога наводно избувнал пожар во нејзината поранешна семејна куќа во Кохасет, каде што бил забележан чад.

Волш и нејзиното семејство се иселиле пред неколку месеци, а полицијата рече дека е премногу рано да се утврди дали пожарот е поврзан со нејзиното исчезнување, според NBC10 Boston.

За време на истрагата, полицијата откри дека Волш не оставила дигитален отпечаток – го исклучила нејзиниот телефон на 1 јануари, според Квигли. Исто така, нема запис дека ги користела нејзините кредитни картички по Нова Година.

Во 2021 година, нејзиниот сопруг Брајан Волш се изјасни за виновен пред федералниот суд за продажба на две лажни слики на Енди Ворхол на купувач во Јужна Кореја за 80.000 долари – но Квигли рече дека случајот се чини дека не е поврзан со нејзиното исчезнување.

Полицијата соопшти дека Ана зборува со источноевропски акцент, а на нејзиниот профил на социјалните мрежи има и фотографија од Србија. Вели дека зборува српски, англиски, шпански и француски јазик.