Телото на Милош Стаматовиќ (25), жител на Даниловград, е пронајдено со врзани раце на брегот на реката Морача во населбата Ботун, пишуваат црногорските медиуми.

Ова за црногорскиот портал „Прес“ го потврдија од Полициската управа и Поштата на Црна Гора. Телото кое први го забележале мештаните во водата, денеска нешто по 10 часот било извлечено, по што била извршена идентификација.

Инспекторите во соработка со надлежниот обвинител преземаат бројни мерки и дејствија за расветлување на овој смртен случај.

Стаматовиќ бил вработен во Поштата на Црна Гора и во моментот на неговото исчезнување носел околу 15.000 евра кои требало да им бидат поделени на пензионерите.

Набргу по исчезнувањето било пронајдено возилото во кое младиот човек превезувал пари. Во возилото биле пронајдени меѓу 2.000 и 3.000 евра, додека по остатокот од парите активно се трага.

Забележано е дека рацете на телото на младиот човек се врзани од напред, а тоа е факт или детал што укажува на можноста смртта да настапила насилно, односно дека е можно да се работи за убиство, за кое полицијата проверува.

Настанот се верификува во два правци и засега е рано и неодговорно да се тврди што точно се случило, додаваат од полицијата.