По 12 дена истрага полицијата издаде соопштение дека го решила случајот Флешер за кој Телма известуваше поради вмешаноста на синот на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши.

МВР потврди дека имало инцидент и началничка интервенција за да се сопре потрагата по мерцедесот кој користел нелегално поставени флешери.Но, од МВР остануваат и на тврдењето на Спасовски дека има премногу шпекулации и дека мерцедесот не го возел синот на Буши.

Од обезбедени видео снимки и други докази МВР утврдило дека мерцедесот на 26-ти ноември на Качанички пат со вклучени флешери го управувал извесен 29-годишен скопјанец Г.К. Возилото со регистрација 0202, кое според информациите на Телма е во сопственост на битолска фирма и често го користел синот на Буши, било донесено во полициска станица на проверка со веќе отстранети флешери. Возачот добил казна за сообраќаен прекршок. Според информации на Телма казната е пишана на име Гентиан Колци.

Од друга страна, МВР потврди дека високо позициониран полициски службеник во СВР Скопје реагирал и ги лажел полицајците од патролата што го сопрела мерцедесот. интервенирал за да биде пуштен мерцедесот кога бил сопрен пред 11 дена.

Според иницијалите објавени во соопштението на МВР, станува збор за Вулнет Аземи кој е советник на началникот на СВР Скопје. Тој откако било пријавено брзото возење на мерцедесот, за неколку минути им се јавил на двајцата полицајци во централата и ги излажал пониско рангираните колеги дека станува збор за службено возило. Полицајците ја повлекле објавата за флешерите на мерцедесот и не испратиле дополнителни полициски патроли да го бараат возачот и мерцедесот. Против тројцата полицајци е отворена дисциплинска постапка.

Во соопштението на МВР не е наведена врската меѓу началникот Амети и сега осомничениот Колци и поради што началникот реагирал и лажел.

А минатиот петок кога Спасовски беше во посета на СВР Скопје, на состанокот беше присутен и началникот Амети. Исто така Амети стои во првиот ред зад Спасовски кога министерот ја даваше изјавата. Тоа беше пред 5 дена, а нејасно е како началникот уште тогаш не му кажал на министерот за кого интервенирал туку Спасовски тврдеше дека се уште не познато кој возел, ама сигурно не бил син на Буши.