Без потврда и докази дека има политичка заднина, бугарското МНР ќе и врачи протестна нота на македонската амбасадорка во Бугарија за вчерашната тепачка во Охрид меѓу секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ и уште тројца охриѓани. Бугарија, пак отиде дотаму, што ќе организира воздушна евакауција за лекување на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид.

„Секретарот на културниот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, кој беше жртва на тепање, со воено-транспортен авион „Спартан“ денеска ќе биде пренесен на лекување во Софија“, соопшти Амбасадата на Бугарија во Македонија.

Но, според извори на Телма, во тепачката нема политика, туку долгогодишна нетрпеливост и недоразбирања меѓу учесниците во инцидентот, што им е познато на охриѓани. Од СВР Охрид официјално соопштија дека 22-годишниот Пендиков синоќа пријави дека во угостителски објект во Охрид, физички бил нападнат од тројца охриѓани, од што се здобил со тешки телесни повреди. Полицијата работи на расветлување на настанот.

Според извори на Телма, кога тројцата охриѓани влегле во ресторанот, секретарот на бугарското здружение веќе седел на маса. Тој почнал да ги навредува и провоцира, а по вербалните дофрлања, дошло и до физичка пресметка. Од полиција нема потврда дека инцидентот се случи поради омраза кон Бугарите, а што точно се случило ќе утврдува истрагата.

Но, бугарските власти не почекаа македонските истражни органи да ја завршат својата работа, па овој инцидент го нарекоа насилство од омраза против Бугарите, а бугарското МНР соопшти дека на македонската амбасадорка Агнеса Руси ќе ѝ биде врачена протестна нота.

„Бугарската држава со месеци упорно го потенцираше своето очекување властите во Северна Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите во земјата“, се наведува меѓу другото во соопштението на Министерството за надворешни работи на Бугарија.

За инцидентот во Охрид утрово разговараа и министрите за надворешни рбаоти на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Николај Милков. Тоа го потврди и Османи без да соопшти детали, но како и неговиот бугарски колега, без да почека да заврши истрагата, даде своја квалификација..

Точно пред една година, за случај во Битола, кога беше демолиран киоскот на секретарот на културниот клуб „Ванчо Михајлов“, од членови на здружението имаше обид да биде прикажан како инцидент поради омраза кон Бугарите, но подоцна полицијата утврди дека станува збор за семејна расправија.