Што да ви кажам, како што беше изненадена цела Македонија, така и ние домашните се изненадивме од настанот. Како гром од ведро небо не удри веста дека Ламбе ја потпалил вратата на здружението во Битола. Искрено, не очекувавме такво нешто – во телефонски разговор за ,,Фокус” открива Лазар Алабаковски, татко на поп пејачот Ламбе, кој е во домашен притвор по случката.

Лазар, кој живее во Љубојно, вели дека денес бил во Битола и го посетил Ламбе. Додава дека син му е добар, заедно со сопругата и децата во семејниот дом.

-Ламбе се држи добро, смирен е. Не знам што да кажам, што е – тука е. Ќе чекаме одлука во понеделник, јас како родител, нормално е дека се грижам. Благодарен сум на поддршката која народот му ја даде, ние како семејство, сите стоиме покрај него и во добро и во лошо – вели Лазар.

Тој ги минува пензионерските денови во родниот крај, а во минатото бил наставник по музичко воспитување. Неговата сопруга Маријана, мајката на Ламбе почина млада, пред 16 години.

Пред три дена во Битола беше одржан протест на кој голем број на граѓани бараа ослободување на Ламбе, но и отстранување на клубот ,,Ванчо Михајлов”.

Наредниот ден Основниот суд во Битола ја прифати жалбата на бранителот на Алабаковски и мерката ефективен притвор му ја замени со мерка домашен притвор.