Стејт департментот, во тесна координација со Амбасадата на САД во Скопје, ќе продолжи да ги разгледува сите достапни алатки за борба против корупцијата во Северна Македонија, изјави за Гласот на Америка официјално лице на Стејт департментот.

САД го разгледуваат и членот 7031(c), кога тоа е соодветно, кој предвидува ставање на црна листа на функционери на странски влади вклучени во значителна корупција, и нивна забрана за влез во САД.

На прашање на Гласот на Америка дали САД размислуваат за санкционирање и на судии и обвинители вклучени во корупција, по посетата на тимот на санкции од Вашингтон, официјалното лице одговори:

„САД се посветени да ги повикаат на одговорност оние кои се вклучени во значителна корупција и ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво. Кога државниот секретар ќе добие веродостојни информации дека сегашен или поранешен странски владин функционер бил вклучен, директно или индиректно, во значителна корупција или грубо кршење на човековите права, секретарот е должен да го назначи или идентификува тој службеник и неговите/нејзините непосредни членови на семејството според членот 7031(c), или јавно или приватно“.

Минатиот декември, американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер рече дека во државата дошол тим за санкции од Вашингтон за да преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери, како и да ги разгледа сите можни постапки.

„На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги, гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, напиша тогаш на Твитер амбасадорката Агелер.

Советникот на Стејт департментот Дерек Шоле, пак, пред посетата на Скопје овој месец, на Твитер напиша дека разговарал со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски за заземање цврст став за корупцијата.

„Одлична можност да разговараме со претседателот Пендаровски за нашето силно партнерство во НАТО, претстојното лидерство на Северна Македонија со ОБСЕ, напредокот во пристапот во ЕУ, заземање цврст став за корупцијата и соработка да се донесе дополнителна стабилност и можност за Западен Балкан“, рече тогаш Шоле.

Претседателот Џо Бајден на почетокот на мандатот донесе извршна наредба согласно која на црна листа ќе се ставаат лицата кои директно или индиректно се одговорни за поткопување на демократските процеси или институции на Западен Балкан, вклучително за корупција и прекршување на човековите права.