Бојан Јовановски-Боки 13 итно е пренесен на Клиника и задржан е на болничко лекување, објави порталот А1он повикувајќи се на изјавата на неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ.

Туфегџиќ вели дека Јовановски е задржан на лекување во хируршката клиника откако неговата состојба се влошила иако и самиот Боки 13 реагирал претходно и барал прекинување на издржувањето на казната затвор пред кривичниот судот, но тоа не му било прифатено поради тоа што затворскиот лекар тврдел дека тој во затворот ја добивал потребната нега и немало потреба од болничко лекување.

– Состојбата на Боки 13 е животозагрозувачка. Гастроскопијата покажа дека има четири нови улкуси и постои опасност од отстранување на желудникот, но и покрај наодите на лекарите, судот поклони верба на медицинскиот наод и мислење на домскиот лекар од КПУ Идризово во кој ваквите факти се квалификувани како хипотетички претпоставки – изјави адвокатот Туфегџиќ за порталот А1он.

Минатиот месец Боки 13 беше претепан во затворот, а поради влошена здравствена состојба и претходно беше на дополнителни прегледи на Клиника.