Во текот на вчерашниот ден, во медиумите се појави вест дека малолетничка од Скопје, при обид да избега од Психијатриската болница при Комплекс клиники, паднала и се здобила со тешки телесни повредни, констатирани во Ургентниот центар.

Точка дознава дека 16-годишната девојка која била хоспитализирана на Клиниката за психијатрија во Скопје, се фрлила од трети кат – каде има решетки, па оттука се отвораат многу прашања. Состојбата на 16-годишната А.Ш. се влошува, девојчето во моментов е во кома, а родителите се надеваат дека сепак ќе примат добри вести.

Точка стапиле во контакт со семејството на малолетничката, кое е видно потресено и вознемирено од целиот настан. Велат дека никој не ги контактирал за да ги извести дека нивната ќерка итно е примена во Ургентниот центар, иако од Психијатриската болница го тврделе спротивното.

„Дознавме од Фејсбук, никој не ни се јави. Тие велат дека ни се јавиле, но нас не ни ѕвонеше телефонот. Можеби не можеле да не добијат, како што велат, но ние дознавме преку Фејсбук. Многу лошо. Оставивме дете во Државна болница да се лечи, а дознаваме дека е на интензивна нега и дека се фрлила од трети спрат. Многу ни е лошо, не дај Боже да ни умре“, велат родителите на 16-годишната А.Ш.

Родителите за Точка откриваат дека нивната ќерка 4-5 дена пред немилиот настан била многу вознемирена, но не ја знаат точната причина зошто одлучила да побегне од установата.

„Велеше дека некој ја закача таму, дека ја плаши, сакаше да си дојде дома“.

„Не ѝ ја знаеме точната дијагноза. Докторите ни кажуваат дека е болна нешто, хронично и дека мора да се лечи за да биде подобро и ете сега каде е“, велат загрижените родители.

Трипати досега била хоспитализирана на Клиниката за психијатрија, но досега немала обид за бегство.

„Првпат се случува да сака да побегне. Секогаш само сака чиста облека и цигари, ја лечеа и си ја земавме дома“.

Адвокатот Амет во изјава за Точка открива дека малолетничката моментално е на интензивна нега и е во кома.

„Повредите се сериозни, девојката во моментов е во кома. Тоа што се случило е доста енигматично и чудно“, вели Амет.

Засега енигма е и причината поради која девојчето сакало да побегне од болницата, па одлучило да се фрли од третиот кат. Амет признава дека ситуацијата е деликатна.

„Доверувате дете од 16 години на Психијатрија и истото бега и скока од трети кат. Мора да се утврди што точно се случило, како успеало да побегне низ решетки. Денеска разговаравме со менаџментот на клиниката, каде наидовме на емпатија и голема заинтересираност за расчистување на случајот. Во моментов е формирана комисија за расветлување на случајот, а се чека и записник од полиција. Мора да се одговори на многу прашања. Целата истрага треба да покаже кој ќе треба да преземе одговорност. Жртвата-пациент на Психијатрија, секако не е виновна“, додава Амет.

По разговорот во болницата со дел од докторите, адвокатот на семејството признава дека е шокиран по разговорот.

„Сè уште сум шокиран од овој случај, но, ќе го истерам докрај. Правда за ова дете мора да има. Нема да дозволам случајот да заглави во здравствените лавиринти, испреплетени со емпатија помеѓу докторите колеги и останатиот здравствен персонал“, заклучува адвокатот.