Во тешка сообраќајна несреќа која се случила утринава околу 02.45 часот на автопатот Градско – Велес, во близина на местото каде се наоѓаше старата патарина, животот го изгуби млада жена, државјанка на соседна Србија. Таа заедно со сопругот и малолетното дете се враќала од летувањето во Грција.

Според првичните информации, автомобилот на семејството удрил првин во сообраќаен знак, а потоа и во дрва, и се претпоставува дека возачот, односно сопругот на починатата жена заспал додека возел.

-На 21.07.2022 околу 02.45ч во СВР Велес било пријавено дека на автопатот А1, правец Градско-Велес, патничко возило „рено“ со српски национални ознаки, управуван од Г.Ј.(41) од Република Србија, излетало од коловозот. Во несреќата, од здобиените повреди починала сопатничката С.П.(36) од Србија, а Г.Ј и малолетен сопатник се здобиле со телесни повреди констатирани во Општа болница Велес. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес – соопштија од СВР Велес.

Синот и сопругот кои поминале со полесни повреди, веќе заминале во Србија.