Белгија во четврток во 16 часот сама одлучува околу својот престој на Мундијалот во Катар. Белгијците имаат три бода, а пред нив се Мароко и Хрватска со четири, а избраниците на Роберто Мартинез играат против Хрватите и неопходен им е триумф за да поминат понатаму.

Белгијците се соочуваат со многу повреди, а дополнителен проблем им прави лошата атмосфера во екипата. „Л’Eкип“ излезе со информација дека фудбалерите на Белгија се тепале во соблекувалната после поразот од Мароко. Наводно се степале Јан Вертонген и Еден Азар.

Азар им порачал на соиграчите дека се пребавни, што го разлути Вертонген кој го нападнал. Се вклучиле и Де Брујне и Лукаку кои морале да спречуваат поголем инцидент.

Белгискиот RTL објави шокантна информација дека Кевин де Брујне, Еден Азар и Јан Вертонген најпрво влегле во вербален конфликт.

– Според извештаите, имало и навреди и пцовки. Почнале со туркање и удирањето, а поголема тепачка и катастрофа наводно спречил Ромелу Лукаку кој ги разделил, објави белгиски RTL.

Токму од тука денеска Белгија закажа вонредна прес-конференција во 13 часот на која ќе ги отстрани сите дилеми. Ќе зборуваат Азар и Вертонген, и тоа наместо најавените Караско и Тете кои по распоред требало да бидат на пресот денеска.

Не е тајна дека атмосферата во Белгија е на најниско можно ниво, а за тоа сведочи и агресијата на Куртоа кој по мечот со Мароко кршел се што ќе му се нашло на патот.