Откако бебе падна на подот од рацете на медицински работник при породување во Универзитетската болница во босанскиот град Фоча, една од предложените мерки е сите вработени во Гинеколошко-акушерското одделение и на Гинеколошко-акушерската амбуланта да одат на повторна обука.

Ова за „Независне новине“ го потврдија од оваа здравствена установа од каде минатата недела пристигнаа шокантни информации кои ја згрозија јавноста во Босна и Херцеговина и го вклучија алармот.

Имено, полицијата ги проверува наводите од пријавата во врска со несовесно давање лекарска помош во Универзитетската болница во Фоча, каде новороденчето се здобило со повреди на главата.

Бебето, како што вчера потврдија од обвинителството во Требиње, се уште е во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево (КЦУС), а од болницата Фоча повикувајќи се на информациите што ги добиваат од колегите велат дека неговата здравствена состојба е добра.

„Минатата недела Универзитетската болница Фоча достави до Министерството за здравство и социјална заштита на Република Српска детален извештај со сите податоци и процедури спроведени во врска со несакан настан при кој беше повредено новороденче“, велат тие.

Оттаму додаваат дека ги извршиле сите потребни дејствија околу прибирањето на потребните податоци со изјавите на непосредните учесници на настанот, од страна на раководството на Установата.

„За несаканиот настан бил запознаен и стручниот колегиум, потоа Етичкиот комитет на Универзитетската болница во Фоча ги спроведе сите потребни процедури во врска со случувањата поврзани со настанот при кој бебето ненамерно е повредено при породување“, велат од Универзитетската болница во Фоча.

Тврдат дека сите добиени информации се проследени до ресорното министерство, со предлог мерки за подобрување на постоечките протоколи и процедури, со зголемена внимателност при нивното спроведување.