Швајцарскиот претседател Алан Берсет, верен на неутралноста на својата земја и голем противник на испраќање оружје на Украина, го осуди лудилото на војната во интервјуто за неделното издание на весникот Ное Цирхер цајтунг (НЦЦ).
„Го чувствувам тоа воено лудило во некои кругови. И многу сум загрижен околу тоа, бидејќи тоа чувство е засновано на краткорочна визија“, кажа Берсет додавајќи дека швајцарското оружје не треба да се користи во војни. Социјалдемократскиот претседател од кантонот Фрибур истакна дека ставот на Сојузниот совет околу тоа прашање е многу јасен.
„Го разбирам и почитувам фактот дека други земји имаат поинаков став, но треба да се почитува швајцарскиот став. Да се каже едноставно дека сега ситуацијата е поинаква и дека Швајцарија мора сè да смени не обѕирајќи се на своите правни темели, тоа не е возможно“, одлучно истакна Берсет.
Расправата за неутралноста на Швајцарија трае од почетокот на конфликтот на Украина во февруари минатата година. Швајцарија, која не е членка на Европската Унија и НАТО, ги воведе санкциите на Западот против Русија оценувајќи дека се компатибилни со неутралноста на земјата, но Швајцарците ги одбиваат барањата на Германија, Шпанија и Данска да им се дозволи реизвоз на оружјето и муницијата купено од Швајцарија во Украна.
Повеќе иницијативи се поднесени во парламентот за ублажување на тие правила, но ќе поминат месеци пред да се донесат одлуки.
Be the first to write a comment.