Бразил во понеделникот убедливо со 4:1 ја совлада Јужна Кореја и се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство, а медиумите и навивачите на социјалните мрежи сега дебатираат за еден детал од тој натпревар.

Имено, додека Нејмар требаше да изведе слободен удар, неговиот соиграч Касемиро му стави нешто во нос.

Некои навивачи сметаат дека се работи за забранета супстанца и бараат од Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) да провери за што се работи.

Сепак, бразилските медиуми тврдат дека се е чисто и дека тоа е маст што се користи за прочистување на дишните патишта.

Да потсетиме, Бразил веќе во првото полувреме ги разреши сите недоумици за мечот кога Винисиус, Нејмар, Ричарлисон и Пакета ја затресоа мрежата на Корејците, додека Сеунг-Хо Паик само го ублажи поразот во продолжението.

Многумина веруваат дека тоа беше еден од најдобрите настапи на Бразилците во последно време, а првото полувреме можеби и најдоброто во последните 30 години.

Бразил во четвртфиналето на Мундијалот ќе игра против Хрватска, а овој дуел е закажан за в петок од 16 часот.