Утрото на 8 март 2014 година „боинг 777“ летна од Куала Лумпур со 227 патници и десет члена на екипажот, но не стигнаа до Пекинг. Авионот исчезна од радарите и до денес не се знае што се случило со него.
Роднините на стотиците патници од летот МХ370 ја повикаа владата на Малезија да одобри нова потрага по патничкиот авион што исчезна пред точно девет години, особено откако независен истражител објави дека открил решение за најголемата мистерија во историјата на воздухопловството.
Утрото на 8 март 2014 година „боинг 777“ летна од Куала Лумпур со 227 патници и десет члена на екипажот, но не стигнаа до Пекинг. Авионот исчезна од радарите и до денес не се знае што се случило со него. Патниците и екипажот одамна се сметаат за мртви, но девет години не е пронајдено ниту едно тело, како ни парче од авионот што би помогнало да се состави мозаикот на настани за кобниот лет МХ370.
Авиони и бродови од многу земји со месеци попусто го надлетуваа Индиски Океан во обид да пронајдат какви било докази што би ги потврдиле податоците од радарот и од другите инструменти – дека авионот скршнал далеку од предвидената линија полека губел височина и се урнал.
Во 2017 година Малезија, Кина и Австралија вложија 135 милиони долари и две години работа за пребарување на океанското дно, но не пронајдоа никакви траги. Малезија подоцна повторно отвори истрага – ја ангажираше компанијата „Оушн инфинити“ да го пребара дното на океанот, нудејќи ѝ 70 милиони долари ако пронајде остатоци од авионот. Наспроти напорите, компанијата не успеа да ја заслужи наградата.
Спроти годишнината од трагедијата, роднини на патниците здружени во групата „Глас 370“ објавија дека „Оушн инфинити“ е спремна за нова мисија и побараа од властите во Куала Лумпур да ја одобрат операцијата и да ѝ издвојат средства, не условувајќи ја наградата со успехот на мисијата.
– Во изминатите 12 месеци „Оушн инфинити“ дополнително истражуваше и разговараше со многу луѓе за да открие што повеќе детали за март 2014 година. Напредокот ги зголемува шансите за успех на нова потрага – објавија роднините на комеморативната церемонија.
Малезиската влада официјално не се изјасни, но министерот за транспорт Антони Локе ги известил роднините дека „книгата за МХ370 нема да биде затворена“ и дека ќе биде дозволена нова потрага кога ќе има „нови и кредибилни информации“ за локацијата на која се остатоците од авионот.
Најголема мистерија во историјата
Парчиња од боингот носени од струите испливаа на разни брегови, од Африка до острови во Индиски Океан. Но, тие парчиња не се доволни за да се состави мозаикот за најголемата авионска несреќа во историјата.
Летот од бил рутински, „боингот“ бил технички исправен, а капетанот Захарие Ахмад Шах бил искусен пилот и инструктор, со речиси 20.000 часа лет. Меѓу 227-те патници имало 153 кинески државјани и 38 Малезијци. Преостанатите 36 биле од 12 земји. За лет од пет и пол часа авионот носел гориво за седум и пол часа. Гласот на пилотот последен пат се слушнал кога се одјавувал од зоната под контрола на малезиската контрола на лет: „Добра ноќ. Малезиски 370“. Но, никој од кабината не одговорил на поздравот од контролната кула во Хо Ши Мин во 1.19 часот, кога авионот навлегол во виетнамската зона.
Само две минути подоцна, се исклучил сигналот од транспордерот и точката на авионот исчезнала од екраните на радарите во Куала Лумпур и во Хо Ши Мин. Последните телеметриски податоци биле дека авионот лета на вообичаената височина со вообичаената брзина, во поволни временски услови на речиси ведро небо. Пилот на друг авион успеал да воспостави контакт со МХ370, но слушнал само крчење на линијата и неразбирливи гласови.
Воени радари, кои реагираат на телото на авионот, а не на сигналот, утврдиле дека „боингот“ сѐ уште лета, но во радикално друга насока – кон југозапад наместо кон север. Времето на наглото скршнување се поклопува со времето на гаснење на сигналот, што поттикнало сомневања дека некој намерно го исклучил транспордерот и го пренасочил леталото. Откако ја прелетал Малезија, авионот повторно скршнал, овој пат кон запад, пред да му се изгуби секаква трага во Андаманско Море, 370 километри од островот Пенанг.
До 2017 година, на плажи на Индиски Океан биле откриени 18 парчиња за кои се смета дека се од исчезнатиот „боинг“. Во Мозамбик во Африка е откриен дел од стабилизатор, а во Јужна Африка дел од моторот.
Киднапер или пламнати батерии
По долга и скапа истрага, за можни се сметаат неколку сценарија за судбината на летот. Невообичаеното автоматско одјавување и обид за повторно јавување се толкува како индикатор за ненадејно откажување на системот за електрична енергија. Ненадејното скршнување, пак, се толкува како последица на преминувањето на контролата врз автоматски пилот, ако пилотите излегле од кабината или, мошне поверојатно, ако останале без свест поради намалување на нивото на кислород. За малку веројатни се сметаат теориите дека пилотот, копилотот или некој од патниците намерно го урнал авионот. Двајца патници летале со украдени европски пасоши, а ирански државјанин во Бангкок телефонски резервирал „два најевтини билети“ и платил со готовина. Еден патник, државјанин на Швајцарија, бил обучен пилот.
При истражувањето на сценариото на интервенција од човек, првоосомничен бил искусниот пилот Захарие, кој на компјутерскиот симулатор во својот дом имал снимено лет преку Индиски Океан. Истрагата, сепак, не потврдила дека пилотот имал план и мотив да го пренасочи авионот. Како можна причина за електричниот дефект, пак, се истражувало присуството на пратка со литиумски батерии во багажниот дел. Овие батерии може да се прегреат и да се запалат во екстремни ситуации, а веќе предизвикале и пожари во два товарни авиона во лет.
Иако официјалната истрага е затворена, не запираат приватните обиди да се реши мистеријата. Пензионираниот австралиски истражувач Винсент Лајн тврди дека ги решил „трите енигми за МХ370“ и дека знае точно каде се остатоците од авионот – на дното на океанот, 6 километри под површината, во амбисот Пенанг, 1.500 километри западно од Перт.
Be the first to write a comment.