Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го дека е одговорен за воените злосторства во Украина. Москва постојано негираше дека руските сили вршат злосторства во Украина.
МКС издаде налог за апсење на рускиот претседател поради сомнение дека е одговорен за нелегална депортација на деца и илегално пренесување на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација.
Ројтерс оваа недела објави дека МКС се очекува да го стори тоа, за прв пат како дел од истрагата за војната во Украина.
МКС, исто така, издаде налог за апсење на Марија Алексеевна Лвова-Белова, руски комесар за правата на децата, под истите обвиненија.
Оценувајќи го налогот за апсење на МКС за рускиот претседател поради сомнение за киднапирање деца во Украина, уредникот за меѓународни односи на Скај њуз, Доминик Вагорн, рече дека постои „долга листа на луѓе“ кои биле обвинети, но никогаш не го виделе својот ден пред суд.
„Малку е веројатно дека Владимир Путин некогаш ќе се соочи со Меѓународниот кривичен суд. Освен ако војната не оди многу лошо за него па тој да е сменет или предаден. Во спротивно, тоа е малку веројатно“, рече Вагорн.
Да потсетиме, Путин не ја признава јурисдикцијата на МКС, кој го сомничи за нелегална депортација на деца во Украина и нивно префрлање во Русија. Активистите за човекови права бараат други обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Еден од главните патишта е идејата дека тој врши геноцид во Украина, бидејќи тој не прифаќа дека Украина има право да постои и затоа војната е во одредена смисла – барем во овој аргумент – геноцидна бидејќи ја негира Украина, без право на постоење, а со тоа и на постоење на Украинците“, рече Вагорн.
Сер Џефри Нис, главниот обвинител на судењето на Слободан Милошевиќ, вели дека веста дека МКС распишал налог за апсење на Владимир Путин е „исклучително важна, а не само симболична“.
„Ова е важно затоа што овој човек сега – иако многумина тврдеа дека требало да биде неколку недели по почетокот на војната – е етикетиран како криминалец. Ова сега е вистинска војна, праведна војна, што се однесува до Украина, и криминално водена војна што се однесува до Русија. И тоа е исклучително важно – рече Нис.
Сер Џефри рече дека овој потег дури може да „го поттикне процесот на отстранување (на Путин)“.
„Има доволно информации за да се покаже дека има луѓе незадоволни од неговото раководство“, рече тој, додавајќи дека „да го етикетираат и третираат вашиот лидер како криминалец низ целиот свет“ може да дојде до промена на режимот.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, вели: „Одлуките на Меѓународниот кривичен суд немаат никакво значење за нашата земја, вклучително и од правен аспект“.
Русија не е страна на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и не сноси никакви обврски според него.
Русија го потпиша Римскиот статут во 2000 година, но никогаш не го ратификуваше за да стане членка на МКС. Конечно го повлече својот потпис во 2016 година, во време кога беше под притисок поради заземањето на Крим две години претходно, како и воздушните напади во Сирија.
Главниот украински обвинител Андриј Костин рече дека одлуката е „историска за Украина и за целиот меѓународен правен систем“.
Андриј Јермак, началникот на кабинетот на украинскиот претседател Зеленски, рече дека „наредбата е само почеток“.
Be the first to write a comment.