Авионот „Антонов 12“ кој, според неофицијални информации, летал од Србија за Јордан, се урна во саботата вечерта околу 23 часот во близина на аеродромот кај градот Кавала во Грција додека превезувал 12 тони „опасен товар“, пишуваат грчките медиуми.
Кој бил во авионот и што носеле?
Според неофицијални информации, во моментот на несреќата во авионот имало осум лица, за кои се верува дека загинале.
Грчките медиуми објавија непотврдена вест дека леталото превезувало „опасен товар“, а се шпекулира дека се работи за муниција и експлозиви за потребите на војната во Украина. Ништо од ова не можеше да биде официјално потврдено синоќа.
Локалните медиуми јавија дека на местото на несреќата одекнале експлозии, дека пожарникарите не можеле да се доближат до пламените јазици и дека се чекало пристигнување на воени пиротехничари.
Жителите се предупредени во никој случај да не се приближуваат до местото на несреќата, да останат во своите домови, да ги затвораат прозорците и да носат заштитни маски на отворено, поради непознатата природа на чадот што се шири од местото на несреќата.
An #antonov cargo #aircraft from #Ukraine #crushed near #Kavala city, #Macedonia province, #Greece.
The #plane was traveling from #Serbia to #Jordan, but requested emergency landing in Kavala airport. The plane crushed in flames, causing fire on the ground. pic.twitter.com/mNOo3khF5q— cosmostatus (@cosmostatus_) July 16, 2022
200 несреќи во текот на 60 години
Станува збор за моделот „Антонов Ан-12бк“ со четири турбопроп мотори. Дизајниран е во Советскиот Сојуз како воена верзија на моделот „Антонов Ан-10“. Во светот се користи како товарен авион. Во употреба е повеќе од 60 години, а за тоа време се евидентирани околу 200 несреќи и инциденти во кои учествувал.
Долг е 33 метри, висок 10 метри, со распон на крилата од 38,5 метри.
Украински сопственик, соработува со ОН и НАТО
„Антонов ан-12“ што синоќа се урна кај Кавала имаше ознака УР-ЦИЦ. Како сопственик и оператор е наведена украинската компанија „Меридијан ер карго“.
Од информациите достапни на Интернет, произлегува дека „Меридијан“ е основана во 2003 година и го има знакот за повикување „МЕМ“. Деловната активност на компанијата, како што пишува на нивната официјална веб-страница, е фокусирана на транспорт на товар на домашни и меѓународни линии.
Компанијата во моментов лета само со авиони „Антонов Ан-12“ и тесно соработува со Обединетите нации и со пактот на НАТО за итен трансфер на воени средства, стои на нивната веб-страница.
Летал за Белград, Ниш и Сараево…
Според податоците достапни на Интернет, овој авион во последните денови извршил неколку летови меѓу дестинации во Западен Балкан.
Во четвртокот полета од Париз за Сараево, а во петокот од Сараево за Белград, а потоа од Белград за Анкара. Во саботата тој замина од Анкара за Ниш, од каде што полета во доцните вечерни часови во својот кобен лет за Аман, во Јордан.
Previous flights pic.twitter.com/oJ54OikM2k
— Raymond Andreassen (@HaulausToilling) July 16, 2022
Тој полетал од Ниш во 20:36 часот.
Авионот летал над Егејското Море, североисточно од Халкидики и јужно од Тасос, кога нешто се случило. Пилотот најпрво направил нагло свртување кон грчкото копно, а подоцна уште едно кон аеродромот во близина на пристанишниот град Кавала.
На крајот се урнал нешто пред 23 часот меѓу селата Антифилипоји и Палехори Кавала, на 36 километри од аеродромот во Кавала.
Зошто падна?
Според грчкиот портал „Прототема“, „Антонов“ го загубил четвртиот мотор во воздух и се запалил.
Пилотот веднаш го пријавил споменатиот дефект и добил дозвола итно да слета на аеродромот во Кавала, но авионот набрзо изгубил трага. Последниот сигнал од авионот бил испратен во 22 часот и 48 минути, кога авионот бил на висина од околу 106 метри, на околу 36 километри од аеродромот.
На снимката од местото на настанот се гледа како огнена топка паѓа од ноќното небо и се претвора во печурка од чад и оган по ударот на земјата и огромна експлозија.
Според последните извештаи од местото на несреќата, остатоците од авионот биле расфрлани во пречник од 800 метри.
Be the first to write a comment.