Реал Мадрид може да го загуби натпреварот со Гетафе со службен резултат, откако Гетафе поднесе жалба до шпанската фудбалска федерација. Гетафе смета дека „кралевите“ направиле неправилна замена, со што ги прекршиле правилата на ФИФА, и сега бараат да им се додели службен триумф.

Судијата Мартинез Мунуера му дозволи на Реал Мадрид во последен миг да се премисли околу измената. Во 84. минута требаше да излезе Марко Асенсио, стрелецот на голот, и на негово место да го стави Алваро Одриозола. Меѓутоа во моментот кога Асенсио го напушти теренот, Камавинга поради повреда побара да биде заменет, по што Асенсио се вратил на теренот, а потоа Камавинга излезе и на негово место влезе Одриозола.

Гетафе се одлучи да поднесе жалба до натпреварувачката комисија, сметајќи дека измената не е според правилата. Комитетот испрати писмо до Реал Мадрид кој има во рок од три дена да се изјасни. Доколку се одлучи дека измената не е регуларна, Реал Мадрид може да го загуби мечот со службен резултат.

Меѓутоа тоа нема многу да смени во таборот на Реал Мадрид, со оглед дека Барселона веќе е првак. Но, ќе им значи на тимот на Гетафе со оглед дека со тие три бода би направил голем чекор кон опстанокот. Покрај тоа што може да им биде одземена победата, Реал може да плати и парична казна од 6 до 9 илјади евра.