Топ-тема во медиумите е младата пејачка ѕвезда Антониа Гиговска која денеска на нејзиниот 22-ри роденден објави дека е бремена и дека наскоро ќе се мажи.

Таа првпат јавно го покажа и својот избраник, музичарот Роберт Спасенцовски.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се огласи и неговиот татко, исто така добро познат лик за македонската јавност, фолкерот Боби Спасенцовски.

„Сите викаат снаа, ама јас си добив ќерка. Да сте ми среќни и вечни“, напиша идниот свекор на Антониа на „Фејсбук“.

Спасенцовски, кој е иден свекор на Антониа Гиговска е многу среќен што ќе стане дедо, а неговата сопруга Весна, баба. Спасенцовски вели дека бил многу изненаден кога неговиот син Роберт кој е исто така музичар и Антониа му ја соопштиле убавата вест.

– Кога ми ги соопштија убавите вести занемев од радост. Не знаев што да кажам на почеток, испушив една цигара, ми требаше време да ги средам емоциите. Потоа ги гушнав, им честитав. Цел ден ни се јавуваат луѓе да ни честитаат, јас не знам што да кажам, збунети сме, и многу сме среќни. И јас се оженив млад како и Роберт, на иста возраст, и мислам дека така и треба да биде, да оди по тој ред. И многу е подобро кога младите се решаваат да станат родители на помлади години. Јас ќе бидам млад дедо, и како помлад ќе можам повеќе да го чувам внучето“, ни изјави Спасенцовски кој има 47 години.

Тој на социјалните мрежи напиша дека денес си добил ќерка, а така ја ословил и Антониа кога слушнал за убавите вести.

– Имам два сина, но денес добив и ќерка. Антониа е прекрасна девојка, често доаѓа кај нас дома, играме карти, јас ја победувам, таа се лути. Се шегувам“, додаде Боби.

Тој е многу среќен што нивното музичко семејство се комплетира. Синот Роберт е музичар како него, но и другиот син Александар, тој има свое музичко студио.

Атрактивната и исклучително талентирана Антониа која се прослави во регионалното музичко шоу „Пинкови ѕвездички“ очигледно одбра совршен тајминг за споделување на радосната вест.

Утре на „јутјуб“ ќе биде објавен видеозаписот за нејзиниот нов сингл „Хабиби“ кој го сними со Христијан Настески-Пајак.