Прилогот на ИРЛ пред околу две недели, за болницата Жан Митрев,, ја крена на нозе македонската јавност. Министерот Сали ја повика јавноста да не донесува прерани заклучоци, туку да се остави време на формираните стручни комисии од здравствените власти да ја согледаат вистината.
За случајот се заинтересира и обвинителството, а од болницата во неколку наврати ја објаснија својата вистина.

Денес во статус на својот профил на социјалните мрежи, за хемофилтрацијата, од научен аспект, проговори шефот на лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при клиниката Жан Митрев, Горан Кунгуловски.

-За ситуацијата во Жан Митрев клиника од научен аспект [време на читање 5-10 мин]

Ќе ги коментирам само деловите од репортажата и аргументите произнесени коишто се однесуваат на биомедицинскиот и клиничкиот аспект и се базираат на достапна научна литература и написи од медицински здруженија или агенции за лекови.

Во оптимални услови, ваков тип на дискусии треба да се одвиваат првенствено во стручни кругови, да се соберат сите аргументи и потоа истите да се пренесат на јавноста.

Тврдење 1 – во Жан Митрев клиниката се вршеле експерименти на луѓе со неодобрени, небезбедни и нетестирани методи на хемофилтрација

Репортажата, барем за мене остава лажен впечаток дека во Жан Митрев болницата се вршеле “експерименти на живи луѓе со небезбедна, неиспитана и нетестирана метода” и за тоа пациентите не знаеле.

За една метода да биде небезбедна, неиспитана и нетестирана, треба да биде и НЕОДОБРЕНА за својата намена.

Но тоа не е така. Хемофилтрите коишто се користат во ЖМК според тековната литература и децении на употреба во медицински установи се ОДОБРЕНИ, безбедни и ефикасни за својата намена.

Овие филтри како медицински средства за КОВИД се ургентно одобрени од американската агенција за лекови (FDA), за мене највисок светски авторитет заедно со ЕМА кога се работи за лекови и терапии, .. со дозвола којшта е еквивалентна на таа на вакцините за КОВИД.  Еве го и индикациониот опсег при КОВИД ТУКА

Хемофилтрацијата влегува во листата на есенцијални средства за борба против КОВИД според Европската Комисија ТУКА….

Нетестирани и небезбедни средства на може да бидат есенцијални и да влезат во оваа листа.

„Хемофилтрацијата се наоѓа во препораките за најдобра клиничка пракса при КОВИД-19 од страна на Европското здружение за интензивно лекување, Британското здружение и Реналната асоцијација. Неодобрено и нетестирано медицинско средство на може да стои во препораки за најдобра клиничка пракса….

Хемофилтрацијата како медицинско средство има дозвола за увоз и употреба кај КОВИД пациенти од страна на македонската агенција за лекови и медицински средства (МАЛМЕД). Значи е призната како медицинско средство од страна на МАЛМЕД.

За мене, горенаброеното оди во насока дека хемофилтрацијата е ЛЕГИТИМНО медицинско средство за лекување на КОВИД пациенти.

Професорот Лабачевски во интервју за НОВА, вели дека “Според Европската регулатива која го регулира изведувањето на клиничките испитувања во државите членки на Европската Унија, неинтервенциските клинички студии (кога лек или медицинско помагало кои имаат одобрение за промет се употребуваат во рамките на одобреното индикационо подрачје, во дози и начин кој е пропишан за негово користење) немаат статус на клинички испитувања и не се предмет на регулативата за добивање на одобрение за клиничко испитување.”

Хемофилтрацијата е одобрено медицинско средство и како такво НЕ МОЖЕ да има статус на клиничко испитување и не е предмет на добивање на одобрение.

Следствено во самата болница не може да се извршувале клинички испитувања.

Ако ги отворите научните трудови објавени од лекарскиот тим на ЖМК ќе утврдите дека во тие научни трудови не се тестира БЕЗБЕДНОСТА на хемофилтрите, бидејќи таа е претходно испитана и докажана од страна на производителот и релевантните светски агенции за лекови.

Потоа Кунгуловски постира трудови, во се следат лабораториски маркери при интензивно лекување на КОВИД-заболени пациенти, а кои можете да ги видите на неговиот профил ТУКА

Добра аналогија е купувањето на автомобил. Кога го купувате автомобилот од продажен салон, обврска на производителот и автомобилските регулаторни агенции е да ја утврдат и потврдат безбедноста и дијапазонот на загадување од страна на автомобилот.

Обврска на возачот е да го вози автомобилот според пропишаните препораки, а не да ја тестира неговата безбедност и загадување. Возачот единствено може да направи “студија” во којашто ќе ја утврди потрошувачката на гориво при различни пропишани начини и брзини на возење.

Тврдење 2 – во Жан Митрев клиниката со висок процент се застапени секундарни инфекции

Репортажата остава лажен впечаток дека секундарните инфекции (или суперинфекции) се случуваат само во Жан Митрев клиниката, кога секое лице што се занимава со медицина или има биомедицинско познавање знае дека тие секундари инфекции се неизбежни, токму поради нивната интринсична природа.

Тие влегуваат во болниците најчесто преку пациент којшто е веќе колонизиран со микроорганизмот, пример од дома или друга болница (значаен број од пациентите во ЖМК биле носени од други здравствени институции), но некогаш како и дел од неговата природна микрофлора.

Овие микроорганизми може да се пренесуваат преку директен контакт со кожа, објекти и површини. Во првиот момент кога ќе стапи микроорганизмот во контакт со пациент со ослабнат имун систем (како кај КОВИД), хронична болест на бели дробови, дијабетес, долг болнички престој (како кај КОВИД), состојби при коишто се користи респиратор (како кај КОВИД), состојби кога се користи катетер (како кај КОВИД) или при третман на отворени рани, веднаш почнува да се дели и да доведе до инфекција.

Ова важи и за микроорганизми коишто во при нормална здравствена состојба не делуваат како патогени, но стануваат патогени при ослабната здравствена состојба и дисбаланс на организмот.

Научните студии велат дека застапеноста на секундарни инфекции во одделите за интензивна нега кај КОВИД пациенти во светот е некаде помеѓу 9.3%-87% од третираните пациенти, во зависност од клиничката слика на пациентот [дали е средна, сериозна или критична] или во зависност од фреквенцијата на тестирање.

Целиот статус на д-р Горан Кунгуловски, можете да го прочитате ТУКА