Принцот Хари тврди дека убил 25 талибански борци додека служел како пилот на воен хеликоптер во Авганистан, што е едно од многуте откритија за неговиот живот кои се најдоа во новите мемоари „Spare“. Книгата и официјално ќе биде објавена во вторник, но Би-Би-Си добил примерок од книгата во Шпанија, каде што наводно по грешка порано се нашла во продажба.

Хари вели дека учествувал во шест мисии во Авганистан во 2012/13 година и во сите имало мртви, но додава дека тоа секогаш било оправдано.

„Таа статистика не ме исполнуваше со гордост, ниту со срам. Кога се најдов среде пеколот на борбата, не ги гледав тие 25-мина како луѓе. Тие беа шаховски фигури тргнати од таблата. Лоши луѓе елиминирани пред тие да убијат добри луѓе“, напиша Хари.

Биографот на британското кралско семејство Ендрју Мортон смета дека Хари ќе се соочи со многу реакции по објавувањето на книгата, бидејќи таа нуди уникатен увид во случувањата во Бакингамската палата.

Меѓу другото, Хари откри дека принцот Вилијам физички го нападнал при една расправија за неговата сопруга Меган Маркл.

Браќата исто така го молеле татко им да не се мажи за Камила, сметајќи дека таа ќе стане нивната злобна маќеа. Хари напиша дека тој и Вилијам имале одделни состаноци со Камила, пред таа официјално да се придружи на семејството.

Хари ги искористи мемоарите и да прозбори за користењето на дроги. Првпат пробал кокаин на 17 години, а консумирал и марихуана и магични печурки.

„Бев 17-годишно момче подготвено да проба сè што ќе го наруши однапред востановениот ред“, пишува Хари.

Во книгата, тој открива детали и за својот прв секс.

„Оваа понижувачка епизода се случи во поле зад паб. Жената многу сакаше коњи и ме третираше како млад пастув. Во пабот имаше многу луѓе, сигурен сум дека некој нè видел“, вели Хари.