Синоќа во Хрватска се пронајдени остатоците од малиот спортски авион „Cirrus 20“ со ознака PHYMC, по кој се трагаше од вчера во 12 часот и 30 минути, кога исчезна од радарот.
Засега нема официјална потврда колку луѓе имало во авионот и дали сите загинале, но агенцијата Хина неофицијално од пожарникарите дознава дека во авионот наводно имало тројца Холанѓани и дека и регистрациите на авионот се холандски.
Остатоците од авионот се пронајдени во шумската област Мали Маковник, на планината Капела во округот Лика-Сењ. Истрагата на полицијата и Агенцијата за истрага на несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај ќе се спроведе денеска на местото на падот на авионот Cirrus 20 , потврди главниот воздухопловен истражител на Хина, Данко Петрин.
Така било одлучено бидејќи, како што изјави Петрин за Хина, многу е подобро истрагата да се води во текот на денот и додаде дека „за жал, на жртвите не може да им се помогне“.
Спортскиот авион „Cirrus 20“ со ознака PHYMC го пронајдоа спасувачите на теренот, откако беше спроведена акција во реонот на планината Капела во која учествуваа 120 лица, а хеликоптер на Министерството за одбрана од воздух го пребара теренот.
Авионот што летал од Марибор за Пула исчезнал од радарот во областа Огулин, околу Језеран, меѓу Оточац и Брињ.
Be the first to write a comment.