Страшна трагедија се случила синоќа за време на ученичката екскурзија на хрватското средно училиште „Мате Балотa“ во Прага. Како што дознаваат хрватските медиуми, загинал 17-годишен ученик од Умаг.

Сепак, се уште не се познати други детали од оваа голема несреќа што ги снајде средношколците од Пореч. Деталите за несреќата ќе бидат познати по полициската истрага во Прага. Професорите, учениците и директорот на училиштето Крешимир Брониќ се шокирани по несреќата.

– Не можам да ви кажам ништо за тоа што се случи бидејќи не добивме никаков документ. Не сакам да погодувам ништо. Тоа се случи доцна синоќа по полноќ. Не бев сведок и не знам што се случило. Ќе знам повеќе кога ќе го добијам полицискиот извештај, изјави директорот на поречкото училиште.

А учениците и нивните професори денеска се враќаат од екскурзијата на која требаше да останат еден ден подолго. Телото на несреќниот ученик останало во Прага до завршување на истрагата за несреќата.

– Можам само да замислам како се чувствуваат. Оваа информација ја добив утрово затоа што една ученичка која била на екскурзија и се јавила на мајка си. И оттогаш сите сме во шок. Никој не знае што точно се случило, повеќе ќе знаеме во понеделник. Прашање е дали воопшто ќе има настава во понеделник поради овој трагичен настан. Го познавав тоа момче. Тоа е страшна трагедија, вели соговорник за хрватските медиуми.

Како што ни рекоа од Владата на Република Хрватска, во моментов е во тек истрага, а повеќе информации ќе се знаат кога амбасадата во Чешка ќе испрати официјален извештај. Смртта на ученикот наводно е несреќен случај, односно пад од височина.

Инаку, на училишната екскурзија биле ученици од општите и јазичните средни училишта, трета и четврта година.