Откако на социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои се гледа транспорт на тенкови, „360 степени“ се обрати до Министерството за одбрана од каде, според одговорот, потврдуваат дека станува збор за донација што земјава ѝ ја дава на Украина
Од МО велат дека станува збор за трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа, а дополнително за нивно уништување во земјава ќе се потрошат пари што, како што велат, е нецелисходна активност за нашата Армија
Северна Македонија ѝ донира тенкови на Украина, која бараше од западните и НАТО-партнерите да ѝ помогнат со воена опрема.
Информацијата за донацијата ја потврдуваат и од Министерството за одбрана (МО) каде упативме прашања откако на социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои може да се види дека се врши транспорт на тенкови.
Од МО посочуваат дека согласно владините одлуки во неколку наврати е донирана воена опрема на Украина и фека тоа било во координација со сојузниците, при што повторуваат дека Северна Македонија како членка на НАТО го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, како и дека остро ја осудува руската агресија.
Според одговорот што го добивме, последната донација, од чиј транспорт се појавија видеоснимките на социјалните мрежи, се состои од тенкови кои се дел од тенковскиот баталјон на Армијата за кој е планирано да биде расформиран. Од МО велат дека станува збор за ,,трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”. Дополнително, додаваат од МО, во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за нивно уништување, што е нецелисходна активност за нашата Армија.
„Би сакале да посочиме дека врз основа на извршените анализи, препораки и усвоени планови за опремување на Армијата на Република Северна Македонија во наредниот период ќе се изврши трансформација односно расформирање на тенковскиот баталјон и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата, а реализацијата на овие планови веќе е во тек. Исто така, согласно Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019-2028 г. наведено е дека нема да се инвестираат дополнителни средства во модернизација и опремување во тенковски капацитети. Имајќи ја во предвид ваквата фактичка состојба, како и побарувањата од страна на Министерството за одбрана на Украина, Владата донесе одлука да ѝ донира на Украина одредена количина од овие капацитети кои им се неопходни за нивни потреби“, велат од МО.
Be the first to write a comment.