Жалење, мачнина, болка, гнев, револт, сомнеж… измешани чувства го обземаат Сашо Гилевски-Качо, еден од преживеаните бранители на масакрот кај селото Вејце во 2001 година, во обидот да се присети на настанот во кој беа масакрирани четворица битолски бранители, негови другари и соборци.
Марјан Божиновски (27), Кире Костадиновски (24), Бошко Најдовски (25) и Илче Стојановски (24), на 28 април пред 22 години, крвнички беа убиени во заседа од група терористи, додека го контролираа теренот кај Вејце. Тројца од нив живи гореле, а на четвртиот му бил разнесен гркланот. Гилевски се сомнева дека масакрот бил планиран и наместен. Го чека денот кога вистината за Вејце и убијците и предавниците ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Марјан, Кире, Бошко и Илче веќе ги нема, но спомените за нив се’ уште живеат. Па дури и оние мрачни спомени за нивната смрт, нивните соборци никако да ги избришат од потсвеста.
Сашо Гилевски, или како што битолчани го препознаваат како Качо, е еден од оние сведоци на мрачниот настан од пролета 2001 година, кој со голи раце ги кревал мртвите тела на своите соборци. Сега, по толку изминати години од ужасот, го теши помислата што барем не се забораваат нивните имиња, иако, како што вели, многу работи останале нерасчистени за ова крволочно убиство, а многу правдини се искривени. Со треперлив глас и очи во кои постојано навираат солзи, сеќавањата за Вејце ги започнува неколку дена пред кобниот ден кога битолската посебна единица од полицискиот состав замина на задача во Тетово, во период кога сите воени дејства биле прекинати. Битолчаните го држеле цел тетовски регион, патролирајќи два пати на ден. Плановите за следниот ден ги добивале вечерта околу 21 часот, од првиот човек на касарната во Тетово. Но, како што се присетува Гилевски, ноќта пред масакрот немало наредби. Плановите каде ќе се движат патролите ги добиле невообичаено, утрото, само десет часа пред кобниот настан. Патролите биле контролирани од припадници на АРМ, полицијата и од посебната единица „Волци“.
„Само два дена по пристигнувањето во Тетово, добивме дојава дека ќе биде нападнат нашиот пункт кај спортската сала, но иако ги засиливме нашите позиции, ништо не се случи. Следниот ден имавме нова дојава од извесен рибар дека над реката Пена кај Бродец имало движење на дваесетина терористи. Оваа пријава СВР Тетово ја достави до нашиот командант. Тој ден, на 28-ми, задачите првпат ги добивме утрото, па така ги направивме и патролите. Како командир на вод во првата патрола, заминав за Шипковица – Бродец, додека во втората патрола Селце – Вејце, меѓу другите беа и четворицата битолчани“, раскажува Гилевски, сеќавајќи се дека масакрираните битолчани биле во второто возило од колоната, а единствено оние од четвртото возило успеале едвај да им побегнат на терористите. Така, ги вметнува и зборовите на Марјан, кој во патролата требало да замине со последното возило, меѓутоа самиот побарал да биде со другарите Кире, Бошко и Илче: „Командире, може да се сменам и да одам со возилото каде што се момците од мојата генерација?“, Марјан го прашал Гилевски.
Гилевски почнува да раскажува во детали за времето пред масакрот, прецизно наведувајќи го и часот и разговорот што го правеле Марјан, Кире, Бошко и Илче пред да паднат во стапицата на смртта. Многу јасно се сеќава на часот пред своите соборци да ги испрати на последната задача.
„Точно во 17 часот патролата ја напушти касарната, јас ги проверив дали се облечени и подготвени како што треба. Полицијата имаше и лично и автоматско оружје. По 45 минути, еден од колегите доби дојава дека потролата е нападната и дека има ранети полицајци. Лично Илче Стојановски ни јави дека терористите ги нападнале. Значи бил повреден, но жив. Во истиот момент дадов тревога. За пет минути бевме подготвени и тргнавме на местото на нападот“, зборува Гилевски, додека емоциите се’ повеќе го надвладуваат.
Неизвесноста за тоа што се случило кај Вејце и дали нивните соборци се живи, траела точно една час, кога спасувачите, нешто повеќе од триесетина бранители, стасале на местото каде што патролата била нападната.
Траги од крв, чад и пепел, трупови, тела што горат била првата слика на која наишле бранителите.
„Кога стигнавме до првата ‘лада‘ од патролата, видовме дека на неа е дејствувано со бомба, имаше шрапнели. Се движам чекор по чекор во неизвесност дали бранителите се живи, да не се ранети, не знам дали напаѓачите се’ уште се таму. И веднаш една од дилемите е пред мене, Илче лежи под возилото, се гледа само до колена. Во ногата имаше голема рана. Се наведнав и почнав да го влечам, кога го свртив на лицето, што да видам, гркланот му беше разнесен, откорнат… Се шокирав. Не знаев каде да ги ставам моите прсти за да видам дали има пулс. Не можев да се воздржам. Свеста ми се заврти, почнав да повраќам“, се присетува на морбидните сцени Гилевски и продолжува со зборувањето несакајќи да испушти ниту еден детаљ врежан во неговата меморија. Само неколку минути подоцна вниманието му го привлекол еден од колегите кој почнал да вика и да се држи за глава.
„Истрчав, ама што да видам: Марјан, Кире и Бошко горат. Малку потаму лежеа мртви и припадниците на ’волците’, тие не беа запалени. Очигледно беше изживувањето врз нив. Беа удирани со кундаци по лицето, на еден мозокот му беше истурен, очите им беа вадени со нож. Беа потурени со газија, мирисот се чувствуваше во воздухот. Бошко и Кире лежеа еден до друг во пламен, а Марјан беше малку понастрана од нив. Гореа како свеќи“, зборува Гилевски и веднаш кај него се буди револтот, па нишајќи ја главата, продолжува „Она што го видов не го прават ниту ѕверовите. Она нормален човек не може ниту да го помисли. Ако е војна и ако убивањето е нормална работа, она што им се случи на нашите беше ненормално“.
Ужасот со кој се соочил водот на командирот Гилевски продолжил кога скршени од болка едвај собрале сили да ги подигнат јагленисаните и разнесени тела на битолчаните, да ги стават во возилата и да ги однесат до тетовската касарна. Благодарејќи на тоа што многу добро се познавале меѓу себе, успеале да препознаат чии се запалените тела.
„Знаев дека Кире имаше прстен со црн камен. Марјан го препознав по висината, а Бошко по тоа што беше покрупен. Толку беа јагленисани, што кога ги подигавме на едниот му се откачи ногата. Каде и да ја ставев, раката ми пропаѓаше во месото. Кревајќи ги, сите прсти од рацете ми беа изгорени, ама самиот си ветив дека ќе ги однесам Битола за достојно да бидат погребани. Нема да ги оставам на ѕверовите и дивите животни во планина да ги растргаат“.
По шокантните слики од грозоморниот чин, паднал моралот, но и пораснал гневот кај водот на Гилевски. Единствено на што размислувале било како да се одмаздат за нечовечноста направена врз четворицата другари од Битола. Најголем дел од водот биле ученици на полициското училиште во Скопје, во исти клупи седеле, едноставно растеле заедно. Од намерата за одмазда едвај биле возвратени. Сепак, исто како и тогаш пред 22 години, и сега Гилевски се сомнева дека патролата била предадена на непријателот.
„Другарите на Марјан, на Бошко, на Кире и на Илче сакаа одмазда за ѕверските убиства. Со сила ги одвративме од намерата. Ама не знам зошто и мене ме јадеше сомнежот дека масакрот беше наместен. Многу работи кога подоцна ги анализирав, беа сомнителни. Прво што реагирав беше зошто патролата оди на терен со ‘лада нива‘. Тоа не беше безбедно. Натаму, зошто времето и релацијата за движењето на патролите беше соопштено утрото, а не вечерта? Како тоа рибар ни дава информации каде се движеле терористите? Кој во војна во место каде што има воени дејства оди на риби?“, се прашува и сега Гилевски, поткрепувајќи ги сомнежите и со неговите непотврдени информации од колеги дека заседата била првично наместена за првата патролата, претпладнето, кај Шипковица, во која бил и Гилевски, но бранителите наводно не стасале до местото каде што се криеле терористите. Движејќи се по реката Пена терористите наместиле нова заседа кај Вејце, и успееја во тоа.
За Гилевски, ангажманот по конфликтот не завршува, туку тој е активно ангажиран уште четири години подоцна, се’ додека не се стабилизираат состојбите во Тетовско и Кумановско. За да биде иронија поголема, вели дека во Охрид за десетгодишнината од Охридскиот рамковен договор го обезбедувал Ахмети.
„Јас сум среќен и горд што во конфликтот во 2001 спасив од смрт многу цивили, етнички Албанци. Јас имам пријатели Албанци, никогаш не сум бил против етничките Албанците во Македонија, јас сум против оние усвитени глави кои не ги избираат средства за да дојдат до целата. Затоа порачувам она што се случи во 2001 да не се повтори“, го завршува своето сведоштво Гилевски.
Be the first to write a comment.