Обдукцијата на телото на 25-годишното момче од Берово, кое наводно почина од сепса откако му бил поправан заб заврши, објави Сител, повикувајќи се на Институтот за судска медицина. Во моментов, се вршат анализи за утврдување на причината за смртта. Истовремено, трае инспекцискиот надзор на ДСЗИ во установите каде било третирано момчето.
Денеска инспекторите ги проверуваат документите на КАРИЛ каде пациентот почина за неполни 24 часа по приемот, а ќе се проверува како го лекувале и матичниот лекар и стоматолог, како и беровската итна медицинска помош. Медицинските извештаи биле прегледани само во Клиничката болница во Штип.
Инаку стручната комисија за овој случај формирана од министерот Беким Сали прво ќе чека да заврши надзорот од ДСЗИ, па ке проверува дали нивните колеги правилно го лекувале момчето.
Кои лекари ќе прават ревизија на случајот од министерството не е познато. Момчето почина во средата откако пред 10-тина му била правена интервенција на заб.
Предмет по допрен глас отвори и обвинителството.
„Согласно наредбата на јавниот обвинител, ексхумацијата е извршена и во тек е обдукција на телото на починатото лице со цел да се утврдат причините за смртта, како и евентуалната причинско-последична поврзаност меѓу извршените медицински интервенции и смртниот исход. По добивање на вештиот наод, надлежниот јавен обвинител ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката“, велат од обвинителството.
Како што претходно објавија медиумите, Димовски наводно починал поради сепса предизвикана од забот кој го лекувал во Штипската болница.
Според извештајот од болницата, тој првпат се јавил во болницата на 14 август во 1 часот по полноќ, со изразена флегмонозна состојба на десната страна на вратот со потекло од заб.
Семејството е во тешка состојба, се собираат донации
На социјалните мрежи деновиве беше објавен повик финансиски да му се помогне на семејството
„Почитувани роднини, пријатели, другари, познаници,
По повод смртта на сега починатиот Јован Димовски (25) од Берово, кој почина на 24.08.2022 на Клиниката за анестезија и реанимација КАРИЛ во Скопје поради сепса предизвикана од вадење на заб, и истиот беше погребан во Берово наредниот ден на 25.08. 2022 г. Семејството на Јован, мајката Снежана и братот Александар во овие тешки денови за нив, се исправени уште пред безброј тешки предизвици, односно борба за докажување на вистината за причината за смртта на младиот Јован, а воедно и справување со отежнатите услови за егзистенција.
Александар и Јован Димовски (сега починат) уште пред своето полнолетство остануваат без едниот родител – татко кој починува во Италија. Поради трошоците за пренесувањето на телото и погребот, семејството останува со незавиден финансиски товар што го чувствуваат до денешен ден. Во меѓувреме мајката останува без работа, а загубата на Јован кој по смртта на таткото ја превзема улогата на глава во семејството, е ненадоместлива. Но, мајката и братот имаат потреба да ја бараат и дознаат вистината за смртта на саканиот син и брат. Патот кој треба да го поминат за таа цел е полн со институционални пречки и обврски пред се од финансиска природа. Во врска со случајот, Јавното обвинителство во Штип отвори и предмет на истрага. Од тие причини, а највеќе за тоа дека вистината мора да излезе на виделина и секој што има вина да понесе одговорност.
Ве замолуваме согласно можностите секој од нас да донираме парични средства за помош на семејството“, стои во описот.
Ако сакате да донирате кликнете тука
Be the first to write a comment.